• сабота, 23 ноември 2024

Во мај следната година ќе биде пуштена во употреба првата половина од автопатот Кичево-Охрид, најави Мицкоски

Во мај следната година ќе биде пуштена во употреба првата половина од автопатот Кичево-Охрид, најави Мицкоски

Скопје, 1 октомври 2024 (МИА) – Има напредок во реализацијата на автопатот од Кичево до Охрид, секојдневно се работи и очекувам првата половина од автопатот од селото Арбиново до Охрид, со исклучок на мал дел кај село Ботун, да биде пуштена во употреба до мај следната година, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Посочи дека до крајот на 2026 година, како што беше ветено во кампањата, ќе биде целосно пуштен во употреба овој автопат.

-Наследивме катаклизмична состојба со инфраструктурните проекти. Конечно оние два фамозни километри од автопатот кон Блаце се завршени и наскоро ќе бидат пуштени во употреба. Остануваат да се реализираат уште 10-тина километри. Имаме јасен план како тоа да се реализира преку Јавното претпријатие за државни патишта. Тој проект наскоро ќе почне со реализација, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата по повод 100 дена од работењето на новата влада.

Нагласи дека познати имиња кои се блиски на ДУИ се наоѓаат на трасата на овие 10 километри од автопатот.

-Но, тоа е што е. Предизвици има и ќе ги решаваме. Од онаа катаклизмична состојба што ја наследивме се случуваат големи поместувања. Оставена е страшна состојба и со проектите поврзани со коридорите 8 и 10д за кои освен авансот од 300 милиони евра буквално немаше никаков прогрес. Немаше ниту еден отсто прогрес направен од европејциве и про-западниве на кои од европското изгледа само еврото им било важно, потенцира Мицкоски. 

Најави дека завршува градбата на експресниот пат Чатал-Длабочица-Крива Паланка кој е дел од коридорот 8 што треба да го поврзе Куманово со граничниот премин Девебаир со Бугарија. Привршуваат, како што кажа, и работите на експресниот пат Градско-Росоман-Фариш и се очекува до крајот на годината да биде пуштен во употреба.вј/са/

Фото: МИА

Остани поврзан