• четврток, 26 декември 2024

Во мај во ЕУ регистрирани над 85.000 баратели на азил

Во мај во ЕУ регистрирани над 85.000 баратели на азил

Брисел, 26 август 2023 (МИА) – Во мај годинава вкупно 85.700 лица кои не се граѓани на членки на ЕУ поднеле барање за азил во некоја од земјите на Унијата, што претставува зголемување за 22,7 отсто во споредба со истиот месец лани, кога биле регистрирани 69.825 баратели, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција - Евростат.

Од вкупната бројка на апликанти за азил, 80.375 првпат поднеле барање за меѓународна заштита во ЕУ, што претставува раст за 26,7 отсто на годишно ниво. Лани во мај бројот на лица кои првпат бараат азил изнесувал 63.455.

Од друга страна, како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, бројот на лица кои повторно поднеле барање за азил бележи намалување на годишно ниво од 16,4 проценти. Така, додека во мај 2022 година биле регистрирани 6.370 вакви баратели на азил, истиот месец годинава нивниот број се намалил на 5.325.

Како и во претходниот период и, во мај 2023, најбројни меѓу барателите на азил биле Сиријците со вкупно 12.110 апликации. По нив следат Авганистанците со 7.210, пред Венецуелците со 7.015 и Колумбијците со 6.745 барања за азил. Меѓу барателите на азил имало и 945 украинскии и 1.435 руски државјани. 

Дури 78 проценти од вкупниот број апликации за азил по првпат се поднесени во само четири земји на ЕУ - Германија, Шпанија, Италија и Франција. Во Германија во мај годинава биле примени 23.235 барања за азил, во Шпанија 17.405, во Италија 11.045 и во Франција 10.850.

Споредба со бројот на жители на секоја земја членка на ЕУ, највисоката стапка на регистрирани баратели на азил е регистирана во Кипар и тоа од 1.092 апликанти на еден милион луѓе, по што следува Австрија 448 апликанти на еден милион жители. Од друга страна, најниска стапка е регистрирана во Унгарија од 0,2 апликанти на еден милион жители.

Меѓу вкупниот број апликанти кои првпат поднеле барање за азил имало и 3.065 малолетници без придружба, меѓу кои 985 биле од Авганистан, а 870 од Сирија.

Најголем број од непридружувани малолетници поднеле барање за азил во Германија и тоа 1.200, по што следуваат Холандија со 410 и Австрија со 405. сп/

Фото: Евростат/Скриншот

Остани поврзан