• вторник, 26 ноември 2024

Во март 321 одобрение за градење, од 1013 предвидени станови 607 во Скопје

Во март 321 одобрение за градење, од 1013 предвидени станови 607 во Скопје

Скопје, 10 мај 2024 (МИА) -  Илјада и тринаесет станови се предвидени за изградба со издадните  321 одобрение за градење во март годинава, а повеќе од половина од становите, 607, се во Скопскиот регион, покажуваат податоците што ги објави денеска Државниот завод за статистика.

Бројот на одобренијата за градење во март годинава е за 22,7  проценти помалку во однос на истиот месец од лани. Предвидената вредност на објектите изнесува 5 855 367 000 денари, за 4,8 проценти повеќе споредено со истиот месец од претходната година.

Најмногу одобренија се издадени во Скопскиот регион, 101, по што следуваат Полошкиот, 65, Југоисточниот, 41, Источниот 34, Југозападниот 25, Вардарскиот, 22, Пелагониски, 21. Со најмалку одобренија, 12,  е Североисточниот регион. 

Од вкупниот број одобренија, 193 (60,1 процент) се наменети за објекти од високоградба, 56 (17,5  проценти) од нискоградба и 72 (22,4 проценти) за објекти за реконструкција.

На 200 објекти (62,3 проценти) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 121 (37,7 проценти) инвеститори се деловни субјекти.

Како што наведува ДЗС, во извештајниот период е предвидена изградба на 1 013 станови, со вкупна корисна површина од 72 506 метри квадратни. Од 607-те станови предвидени во Скопскиот регион,  487 се во Општина Ѓорче Петров, 44 во Општина Петровец, 43 во Општина Гази Баба, 19 во Општина Аеродром, а по четири стана во Центар и во Сопиште.

Статистичките податоци од почетокот на годинава покажуваат дека во јануари годинава биле издадени 256 одобренија за градење,  со предвидена изградба на 615 станови, а во февруари 387 одобренија за градење, со предвидени 951 стан од кои 606 во Скопскиот регион.лв/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан