• понеделник, 16 декември 2024

Во маркетите од 15 декември до 15 јануари новогодишна кошничка со повеќе од 675 производи намалени за најмалку 10 проценти 

Во маркетите од 15 декември до 15 јануари новогодишна кошничка со повеќе од 675 производи намалени за најмалку 10 проценти 

Скопје, 5 декември 2024 (МИА) - Новогодишната кошничка ќе опфаќа повеќе од 675 производи и ќе трае од 15 декември до 15 јануари. Со неа се очекува намалување на цените на производите за 10 и повеќе проценти. Листата на производите кои се понудени од страна на производителите и дистрибутерите може да се види на веб страницата „mojakosnica.mk“.

Листата на производи, како што кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски, е договорена заедно со стопанските комори, синдикатите, производителите, дистрибутерите и трговците.

-Направивме нешто што можеби досега никогаш не е направено – сите заедно разговаравме извесен период и за време на тие разговори дојдовме до компромис. Сите се согласивме во  периодот од 15 декември до 15 јануари цените на повеќе од 600 артикли да бидат намалени и брендирани  со налепници на кои ќе пишува „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.

Нагласи дека не се работи за интервентна мерка на Владата и со ограничување на цените, туку за консензуално решение поради што нема да има казнување, туку ќе има мониторинг дали на тие производи ќе бидат залепени налепниците за да бидат визибилни за граѓаните. 

-Очекувам и понатаму да продолжиме заеднички да бидеме општествено одговорни за овие тешки моменти, заеднички да работиме да помогнеме на македонските граѓани, на македонската економија, стандардот на македонските граѓани и на тој начин да има повеќе за секого. Очекувам успешна акција, очекувам ниски цени во очи на новогодишните празници, и очекувам среќни граѓани и полна трпеза за време на празниците кои што следат, порача Мицкоски.

На забелешките од новинарите дека во листата на производи во новогодишната кошничка има производи чии цени во изминатиов период се зголемени, премиерот Мицкоски му предочи на директорот на Пазарниот инспекторат да направи контрола какви се цени на пазарот сега и потоа дали тие ќе бидат намалени. 

-Не би сакал да верувам дека сите оние кои денеска беа присутни тука, беа присутни колку да бидат присутни, а потоа да го изиграат договореното. По 15 јануари и понатаму ќе продолжиме на добра волја и преку разговор да работиме за периодот кој што следи, бидејќи стандардот на граѓаните ние пред се и над се. Секогаш ја имаме на располагање алатката Владата да донесе одлука, но не сакаме на тој начин да работиме, бидејќи во минатото беше критикувано од страна на трговците, производителите дека се репресивни мерки. Сакавме да покажеме дека заеднички можеме да дојдеме до производ околу чија цена сите ќе се сложиме и покажавме дека тоа е можно, рече Мицкоски. 

Сепак, додаде, доколку видиме дека некој ова го злоупотребува и ја изигрува довербата на Владата и на граѓаните, секогаш имаме на располагање алатки да го спречиме тоа.

-Ако некој производ до пред 10 десет дена чинел 10 парички и сега вештачки се покачил на 12 парички и од 15 декември повторно се врати на 10 парички не сме направиле ништо. Но, ако се врати на 8 парички тогаш веќе нешто сме направиле. Затоа велиме дека Параниот инспекторат има свои алатки и своја методологија во овие 10 дена кои ни преостануваат до воведување на мерката да ги констатира цените и да види какви беа претходно и врз основа на тоа да носиме заклучоци. Се разбира оние кои изигруваат ќе бидат опоменати. Доколку и после опомената нема разум и сакаат да изигруваат и да не постапуваат етички тогаш имаме алатки како тоа да го спречиме, појасни Мицкоски.  

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши оцени дека новогодишна кошничка е нешто многу поразлично од досегашните мерки кои се носеле со цел заштита на стандардот на граѓаните. 

-Различна е по тоа што наместо ние како Министерство за економија и труд и Влада да носиме одлуки за замрзнување и ограничување на цени и маржи,  влијаеме на намалување на цените на основните прехранбени производи, во соработка со Стопанските комори со производителите, дистрибутерите и трговците денеска имаме новогодишна кошничка која што произлегува токму од бизнисот. Групите на производи се сублимираа во листа на прехранбени производи во опфат од над 675 производи, понудени од вкупно 59 компании, производители и дистрибутери, рече Дурмиши.

Нагласи дека новогодишната потрошувачка кошничка е акциско намалување на цените на одделни прехранбени производи, алкохолни и безалкохолни пијалаци.

-Со акциското намалување на цените се опфатени основните прехранбени производи од различни групи на производи и тоа леб и житарки, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни газирани и негазирани пијалаци, алкохолни пијалаци, рече Дурмиши.

Со цел широка промоција, како и граѓаните да можат да се запознаат со производите кои се понудени во листата од страна на производителите и дистрибутерите, додаде, ќе постои посебна веб страница „mojakosnica.mk“.

-Листата на прехранбени производи не е конечна, таа може постојано да се надополнува со нови производи и нови компании пред да започне акцијата, како и за време на траење на акцијата. Државниот пазарен инспекторат ќе биде на терен да утврди дали се обележани сите производи кои се на листата со намалени цени согласно Законот за потрошувачи, појасни Дурмиши.

Во одговор на прашање истакна дека нема логика компаниите да ги зголемуваат цените и да ја изигруваат мерката кога сами ги предложиле токму тие производи да ги продаваат по пониски цени. Подвлече дека Комисијата за заштита на конкуренцијата по 1 јануари ќе постапува според своите надлежности за евентуалното непочитување на Законот за нефер трговски практики.

-Законот треба да се почитува и доколку не се почитува Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе постапува според своите надлежности. За тие трговци што нема да го почитуваат законот ќе пишуваат казни. Трговците веќе не известија дека одредени практики од законот не може да ги реализираат поради проблемите што им се создаваат на терен. Тие забелешки ги земавме во предвид и ако има можност после Нова година ќе има мала техничка поправка на законот, рече Дурмиши.вј/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан