• среда, 25 декември 2024

Во МАНУ се одржа предавање „Криза на етичкото мислење“ од Предраг Чичовачки

Во МАНУ се одржа предавање  „Криза на етичкото мислење“ од Предраг Чичовачки
Скопје, 2 јуни 2022 (МИА) - Во Македонската академија на науките и уметностите денеска се одржа предавање на тема „Криза на етичкото мислење“ од страна на професорот од Колеџот „Холи крос“ во Бостон Предраг Чичовачки. Тој се занимава со филозофски теми поврзани со доброто и злото и теоријата за вредностите, темите за истражување му се филозофите Кант, Хартман, Ганди, Достоевски и Толстој, додека денешното предавање беше основано врз истражувањата на канадскиот филозоф Чарлс Тејлор. Организаторот на настанот, академик Витомир Митевски, изрази задоволство што во ова време кога се расправа за економски и политички кризи, може да се зборува за она што е суштествено, кризата на моралот. -Колку и да изгледа дека тоа е нешто апстрактно дека можеби можеме и без тоа, знаеме дека всушност во основата на секој настан и на секои наши постапки лежи нашето убедување, што е добро, што не е добро, што е правилно што не е правилно. Од тој аспект сметам дека во ова наше време убаво е што најдовме човек од Универзитетот во Бостон од Америка, да одржи едно предавање за кризата на моралот и на етичкото мислење, објасни академикот Митевски, кој додаде дека колку и да изгледа темата апстрактна толку е и актуелна и поучна. На новинарско прашање како ја оценува кризата кај нас околу етичкото размислување и моралот, Митевски посочи дека некое време мислел дека таа криза е акутна појава само во Балканот поради војните и преуривањата што се случиле, но како што се шират работите, вели тој, се добива впечаток дека целиот свет се наоѓа во состојба на преуривање и постои криза на разнишани вредности. Прашан дали е можно решение за промена на овој тренд тој потенцираше дека е апсолутно оптимист во тој аспект. -Многумина се плашат од смртта но јас имам длабоко убедување дека животот е посилен од смртта, дека секогаш низ историјата животот пронаоѓал патишта да се најде излез да преживееме како човештво. Иако сега навистина сме на некоја гранична линија на која можеби помислуваме дека можеби е ова и крајот на човечката цивилизација, длабока верувам дека нема да биде крајот. Сепак она што го носиме во нас, животот, сите нас ќе не предупреди дека не смееме да си играме со тоа. Сметам дека има излез, но за тоа треба да се разбуди свеста кај луѓето, подвлече Митевски. Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев одржа краток говор за отворање на предавањето, при што рече дека ќе му биде драго да научи нешто од професорот Чичовачки. Предавањето на професорот Предраг Чичовачки се состоеше врз коментирањето на реченицата која  „Високи стандарди бараат силни извори“, напишана од канадскиот филозоф Чарлс Тејлор, којашто според него, во побуквален превод значи дека големите идеали и аспирации бараат длабоки корени и длабоки извори. Според таа реченица тој ги толкуваше анализите на Тејлор во однос на кризата на етичкото мислење на човештвото, изворите од кои потекнуваат човечките етички вредности, разликите меѓу западот и истокот во однос на изворите во кои се базираат вредностите на човечката етика, како е доведена ситуацијата на актуелната етичка криза во светот и кои се опциите за решавање на таа криза. Чичовачки во врска со објаснувањето за човечките извори за решавање на кризата се базираше на неколку истражувања и напишани книги на Чарлс Тејлор, кои се преведени на повеќе од 40 јазици, и за кои добил бројни награди, а за едното дури и бил одликуван во Ватикан лично од папата. Предраг Чичовачки кој е со потекло од Војводина, Србија, има завршено Филозофија на белградскиот Универзитет, со добивање стипендија за постдипломски студии во САД, каде што магистрира, а потоа брани и докторат на тема „Кант – Критиката на чистиот ум“. Се занимавал со теми како што се проблемот на злото по повод војните, со проблемот на насилство, со проблемот на љубовта и со вредностите коишто ја држат човечката цивилизација во живот. Освен тоа, Чичовачки напишал и монографии за Ганди, Достоевски и Толстој.хс/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан