• сабота, 13 декември 2025

Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија вечер посветена на македонската културна мисла

Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија вечер посветена на македонската културна мисла

Скопје, 12 декември 2025 (МИА) - Во просториите на Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа културниот настан „Книжевни портрети“, што претстави значајно збогатување на актуелниот литературно-научен дискурс. Вечерта беше посветена на промоција на две нови книги од истакнатите авторки проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ и проф. д-р Наташа Аврамовска - дела што ги отвораат прашањата на културното наследство, неговото вреднување, како и местото на книжевните споменици во националната меморија. Овој културен настан го отвори директорот на Македонскиот КИЦ во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, а се обрати и Пејка Трајановска, заменик амбасадор во македонската Амбасада во Софија, информираат попладнево од Центарот.

- Настанот се одликуваше со богата содржина, внимателно водени разговори и длабоки согледувања што произлегоа од трудовите на авторките. Присутните имаа ретка можност подетално да се запознаат со нивните истражувачки пристапи, методологија и клучните идеи што ги развиваат, што ја претвори вечерта во вистински празник на научната мисла и книжевната култура. Книгата „Културното наследство и вредностните канони“ на проф. д-р  Маја Јакимовска-Тошиќ претставува значаен научен обид за преиспитување на механизмите преку што се градат, обликуваат и пренесуваат вредностите во културниот контекст. Авторката со прецизен и аналитички пристап ги отвора прашањата за тоа како се формираат каноните, кој ги одредува и во кои општествени и историски рамки тие се развиваат. Преку богата теоретска основа, делото укажува дека културното наследство не е статичен поим, туку жив процес подложен на толкување, критика и постојано преиспитување. Во својата анализа, проф.д-р Јакимовска-Тошиќ успева да ги спои научната строгост со читлив, современ дискурс, со што книгата станува достапна не само за научниците и студентите, туку и за пошироката публика заинтересирана за културните прашања, пишува во соопштението.

Делото, се додава, претставува и важен потсетник дека секое општество има нужда од постојано освестување на сопственото наследство, но и од критичко согледување на неговите вредности.

- Книгата „Книжевни паметници“ на проф. д-р Наташа Аврамовска нуди продлабочена анализа на значајни книжевни творби и споменици што ја обликувале националната и културната меморија. Авторката со широк пристап и детална научна обработка ја прикажува важноста на книжевните монументи како темели на идентитетот, традицијата и духовниот континуитет. Проф. д-р Аврамовска умешно го гради својот истражувачки наратив, прикажувајќи ја еволуцијата на книжевните споменици низ историјата, нивната жанровска и тематска разноврсност, како и нивната функција во културниот пејзаж. Книгата претставува значаен придонес во полето на книжевната историја, со јасно структурирани анализи и богата интерпретативна рамка што овозможува нови читања на познатите текстови, се додава во соопштението.

Настанот „Книжевни портрети“, се истакнува, ја спои научната строгост со топлината на културниот дијалог.

- Во дискусиите што се развија, авторките ги споделија своите истражувачки процеси, поттикнувајќи го интересот на присутните кон значењето на критичкото читање, интерпретацијата на наследството и улогата на книжевното истражување во современиот контекст. Атмосферата беше исполнета со идеи, интелектуална живост и взаемно почитување на творечкото дело. Одржувањето на овој настан во Македонскиот КИЦ во Софија е уште едно сведоштво за важноста на градењето културни мостови меѓу двете земји и за континуираното негување на македонската книжевност и културна мисла. Двата претставени труда имаат потенцијал да станат референтни точки во научните дискусии поврзани со културното наследство и книжевната историја. На крајот, директорот на Македонскиот КИЦ во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски им ги врачи благодарниците „Мостови на културата“ по повод јубилејот 20-години од Македонскиот КИЦ во Софија. Инаку, треба да се истакне дека настанот „Книжевни портрети“ остави впечаток што инспирираше и потсетуваше на трајната вредност на книгата како темел на културниот развој и духовната зрелост на едно општество, потенцираат од Македонскиот културно-информативен центар во Софија. бд/вј/

Фото: Македонски културно-информативен центар во Софија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан