• понеделник, 23 декември 2024

Во Лешок се одржа манифестацијата „Пишуваме и твориме на српски јазик“

Во Лешок се одржа манифестацијата „Пишуваме и твориме на српски јазик“

Тетово, 5 ноември 2023 (МИА) - Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово беше домаќин на 11-тата детска поетска манифестација „Пишуваме и твориме на српски јазик“ (Пишемо и стварамо на српском језику). Манифестацијата вчера се одржа во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ кој се наоѓа во манастирскиот комплекс на црквата св. Атанасиј во село Лешок.

Оваа година на манифестацијата учествуваше и гостин од Србија, поетот за деца Александар Коциќ.

-Целта е на учесниците да им се овозможи средба со поет од Србија, а воедно и да се промовира српското творештво за деца.  На главниот дел на програмата учествуваа учениците со свои творби кои оваа година се пишувани на тема „Детство“. Главна цел на проектот е поттикнување на творештвото и презентација на културното наследство на припадниците на српскиот народ во Република Северна Македонија и чување на нивниот културен идентитет особено кај децата и младите, информираше Соња Андонов, претседателка на Здружението.

На манифестацијата се одбележуваат одредени јубилеи на српските поети.

-На овогодишното издание со пригодна програма членовите на секцијата за литература при Здружението означија 125 години од раѓањето и 30 години од смртта на Десанка Максимовиќ и 190 години од раѓањето на Јован Јовановиќ Змај, информираше Соња Андонов.

Манифестацијата ги собра учениците од основните училишта кои наставата  ја следат на српски јазик, како и деца кои имаат српско потекло, а се од други основни училишта во Македонија во Скопје, Тетово, Јосифово и други места. ас/ев/

ФОТО: Здружение Срби и Македонци 

Остани поврзан