• сабота, 23 ноември 2024

Во Куманово состанок за превенција и сузбивање на питачење

Во Куманово состанок за превенција и сузбивање на питачење

Куманово, 2 февруари 2023 (МИА) - Потребно е суштинско решавање на проблемот со деца питачи во Куманово. Важно е системски да се искорени оваа појава, од која најмногу страдаат токму малолетните деца, сметаат претставници на општината и државните институции во градот, кои денеска одржаа состанок на темата.

Децата најчесто се забележуваат на неколку локации во Куманово, на крстосници, во централното градско подрачје, покрај угостителски објекти.

Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска ја загрижува што децата се надвор од образовниот систем.

- Постојано се на улици, изложени на стрес, не знам каков ќе им биде понатаму животот и едноставно се грижат за семејството и својот опстанок. Апсолутно дека треба да се сузбие ова, навистина ми е многу криво особено кога ќе видам во летниот период, на влезот на Куманово на патарината, како и возрасни луѓе и нивни родители, а работоспособни ги тераат децата да питачат, мали бебиња во раце, на своите мајки. Јас верувам дека секој што сака да работи во Куманово, моментално може да најде работа и да не си ги изложува своите деца на еден ваков стрес, иако на нив веќе тоа им е секојдневие, изјави Ѓорѓиевска.

Општината треба и мора да препознае потенцијал кај овие деца, да ги поддржи нивните родители, да им најде работа, да им помогне.

- Ги гледаме постојано и во кафулиња, на улици, тие деца треба да се во образованиот систем, да гледа општината потенцијал во нив, а не да дозволиме и како општина, институциите на системот да дозволат едно вакво непочитување и на законите и на животите на овие малолетници. Имаме состанок со Секторот за превенција при СВР Куманово, сектор социјала, невладини организации и да разговараме како ова да се сузбие, не само СВР да презема активности туку навистина да се влезе во семејството на тоа дете, што е проблемот, ако може општината некако да помогне, со вработување или слично на родителите, а останатото е дел на законот и на системот, вели Ѓорѓиевска.

Елизабета Ангеловска, социјален работник од Центар за социјални работи Куманово, вели дека државните институции, Центар за социјални работи во соработка со МВР изготвуваат акциски план според кој се оди на терен и се врши увид.

- Доколку забележиме дека има деца кои питачат и тие доколку се првпат најдени на улица, ги советуваме, потоа одиме во домот, семејството, разговаравме со родителите и поставуваме надзор над вршење на родителско право со тоа што им доставуваме опомена во однос на тие недостатоци, кои сметаме дека се случуваат за децата кои се на улица, со тоа се во ризик и по здравје и по безбедност. Центарот со поставување на надзор ги следи семејствата најмалку шест месеци за да утврди дали има промена во нивното однесување и дали се повторно на улица. Доколку и вторпат се најдат на улица, вршиме одземање на родителско право, поднесуваме предлог до суд за да се одземе родителското право и тие деца да бидат сместени на друго место, вели Ангеловска.

Нејзината колешка, Даниела Младеновска Спасовски, вели дека целта на акциите што центарот ги спроведува со полицијата е превенција, детектирање на случаите.

- Доколку кај семејствата воочиме дека нема документација која би послужила за остварување на право од социјална заштита, посредуваме како центар да се обезбеди документацијата, да ги упатиме кои права им следуваат и ги вклучуваме во системот за социјална заштита, вели Младеновска Спасовски.

Таа појаснува дека ова подразбира вклучување во образование, здравство, остварување на парични средства, еднократна парична помош, зависно од состојбата и нивните потреби.

- Изминатите месеци имаме спроведено, 15-тина деца имаме сега кои ги следиме во моментов и нивните семејства. Нема одземено родителско право лани, вели Младеновска Спасовски.

Од Центарот велат дека децата се на возраст од пет, шест години и дека обично не се девијантни. Состанокот го организираше отсек за превенција од СВР Куманово, во соработка со општина, центар за социјални работи, суд, невладини организации.

Утврдените активности, мерки ќе бидат достапни наскоро, најавија надлежните. ам/бд/

Остани поврзан