Во Куманово до 31 мај запишани над 900 првоодделенци
- Во Куманово во 16 основни училишта до крајот на мај се запишале 921 ученик, информираа денеска надлежните од секторот за образование од општина Куманово.
Куманово, 2 јуни 2021 (МИА) - Во Куманово во 16 основни училишта до крајот на мај се запишале 921 ученик, информираа денеска надлежните од секторот за образование од општина Куманово.
Според официјалната статистика во прво одделение треба да се запишат 1.187 ученици. Надлежните од секторот појаснуваат дека училиштата ќе запишуваат деца и во текот на летото, сè до почнувањето на новата учебна година.
- Училиштата ја пријавија оваа бројка меѓутоа очекуваат дел од родителите кои се моментално на привремена работа, дел од родителите коишто не се информирани да се заврши уписот за да се стартува учебната година од први септември. И тие проблеми што беа од типот на изолација исто така родителите можат кога се слободни во периодот кога се објавени согласно реонизацијата да се обратат во реонското училиште и да ги запишат своето дете бидејќи е задолжително-изјави раководителот на секторот, Александар Јовановиќ.
Најголем број ученици запишале основните „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, „Кочо Рацин“, „Христијан Карпош“ и „Магдалена Антова“.
- Она што е за истакнување е дека и оваа година се бележи благ пад на упис на учениците, според статистиката, падот е резултат на падот на наталитетот, кој од година в година е сè помал и миграција на населението од општината во западноевропските развиени земји,изјави Јовановиќ.
Реонизацијата генерално се почитува, но доколку има оправдана причина, промена на живеалиште, тогаш е дозволено да се запише ученикот надвор од реонското училиште.
-Согласно законот, бројот е ограничен, претходно од 25 до 30 ученици, согласно новиот закон бројот може да се движи од 20 до 30, нормално на тоа основачот дава согласност доколку училиштето побара запишување на ученици помалку од бројот 20, затоа дава согласност основачот т.е. Советот на општина Куманово, појаснува Јовановиќ. ам/цр