• понеделник, 16 декември 2024

Во Крива Паланка се одржа јавна трибина „Про и контра вештачката интелигенција во уметноста“

Во Крива Паланка се одржа јавна трибина „Про и контра вештачката интелигенција во уметноста“

Крива Паланка, 19 октомври 2023 (МИА) - Вештачката интелигенција (ВИ) не може да се доближи до суптилноста, душата и емоциите, ниту да го замени допирот на уметникот со материјалот. Уметничкото дело е израз на човековата експресија, на неговата внатрешна состојба, на она што авторот сака да го каже на свој оригинален начин и ниту една алатка како што е ВИ не може тоа да го надомести. Ова е заклучокот од јавната трибина „Про и контра вештачката интелигенција во уметноста“, која вечерва се одржа во Eвропската куќа Крива Паланка.

Панелисти беа професор Драган Китановски, електроинженер и Роберт Цветковски академски сликар, двајцата од Крива Паланка, кои го споделија ставот дека уметноста е тешко споива со вештачката интелигенција.

Тие го делат мислењето дека ВИ е секогаш добра, се додека не се најде во погрешни раце или некој што има зла намера, со што станува многу опасна. Како и дека може да биде полезна се додека човекот управува со неа може да се контролира, но доколку ја премине границата и самата почне да го уредува и управува светот тогаш ќе биде погубно.

-Доколку уметникот користи вештачка интелигенција ќе нема потреба да размислува, туку ќе треба да притисне само едно копче и ќе создаде слика. Но, тоа не е уметност, така се губи индивидуалноста, идентитетот и препознатливоста на уметникот. Можеби ВИ е добра за научно-истражувачката дејност, учење, производни процеси, но не и за уметноста, сметаат панелистите.

И младите го делат мислењето дека уметноста е креативен процес, кој ја исклучува вештачката интелигенција. Може да се користи само како алатка во одредени видови уметност која создава одредена експресија, но не и индивидуален израз проникнат од внатрешните чувства на авторот. 

На истата тема утре ќе биде организиран и уметнички перформанс, кој вклучува изработка на скулптура во јавен алтернативен културен простор на отворено.  Во изработката на делото ќе учествуваат млади од Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, под менторство на акдемската скулпторка Анета Стојчевска.

Акцијата ја организира Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка, во рамки на проектот „Здружени за активно граѓанство“ што го спроведува НВО Инфоцентар со финансиска поддршка на ЕУ. ид/мд/

Фото: Европска куќа Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан