Во Крива Паланка изработен живописен мурал со знаменитости на градот
- На една од најфреквентните локации во централното градско подрачје во Крива Паланка изработен е најголемиот мурал во градот што ги отсликува најкарактеристичните места, историски и останати посебности по кои е препознатлива оваа општина.
Крива Паланка, 5 декември 2024 (МИА) - На една од најфреквентните локации во централното градско подрачје во Крива Паланка изработен е најголемиот мурал во градот што ги отсликува најкарактеристичните места, историски и останати посебности по кои е препознатлива оваа општина.
Муралот е исцртан под т.н. „Шанин мост" покрај магистралниот пат А2, Куманово - Крива Паланка, што е дел од меѓународниот Коридор 8 и ги содржи: логото на Општина Крива Паланка, познатото духовно светилиште манастирот „Св. Јоаким Осоговски", фолклорни елементи и традиционална носија од кривопаланечкиот крај, како и познатиот кривопаланечки симит, специфичен специјалитет што воедно е симбол на градот.
-Сите посебности на нашата Крива Паланка, културни, духовни, традиционални, се претставени и прикажани на овој мурал, како на дланка на посетителите, минувачите, туристите. Уметнички, урбани и уникатни, а истовремено автентични сите карактеристични нешта се трајно отсликани на централна локација, што со реконструкцијата на мостовите покрај магистралниот пат А2 го креираат новиот лик на градот, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Воедно, истакна дека во општината се финишира и новогодишното украсување кое повторно ќе биде уникатно и впечатливо и ќе ја вброи Крива Паланка на листата најубаво новогодишно украсени градови во државата.
Инаку, во градот интензивно се вршат подготовки и за претстојниот „Новогодишен базар" што ќе понуди богата културна програма за сите генерации во пресрет на новогодишните и божиќни празници. Базарот ќе се одржи на градскиот плоштад во Крива Паланка во рамки на манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата за 2024". ид/дма/
Фото: Општина Крива Паланка