• сабота, 23 ноември 2024

Во Кочани се одржа првата официјална промоција на книгата „Седумте“ на алпинистката Илина Арсова

Во Кочани се одржа првата официјална промоција на книгата „Седумте“ на алпинистката Илина Арсова
Кочани, 2 јуни 2022 (МИА) – Во организација на Општина Кочани и библиотеката „Искра“ денеска се одржа првата официјална промоција на најновата книга „Седумте“ од алпинистката, амбасадорка на родовата еднаквост во спортот, екологистка и ликовна уметница Илина Арсова. На претставувањето на делото присуствуваа голем број љубители на планинарењето, извидници, екологисти и вљубеници во пишаниот збор, при што беше истакнато дека тоа содржи патописи за љубовта, планините и за уметноста, и претставува документ за патешествијата и подвизите на Арсова, што оставаат неизбришлива трага во историјата на македонскиот спорт. -Сметам дека оваа книга е своевиден учебник по етика во кој не низ сувопарни дефиниции, туку со примери, отворено и жестоко се критикуваат слабостите и девијациите што го мачат обичниот човек, спортистот, уметникот – сите згмечени од малодушноста, примитивноста или зачауреноста на поединец или структура. Во својот поход, наречен „Седум врвови на седум континенти“, Арсова не се штеди, таа е неуморна, неприкосновена, на моменти безмилосна, сурова кон себе во остварувањето на целта. Зборува девет јазици, посетила 50 земји на пет континенти, стапнала на Алјаска и на Антарктикот, се искачила на Аконкагва, Кили, Елбрус, Денали, Пунчак Џаја, Висон, таа е првата Македонка која го освои Еверест. Вљубеник во скијањето, спортското качување и високогорско планинарење, искачува карпи и вулкани – уникатна. Поклон до земја за Илина, истакна промоторката на книгата, Љубинка Ајтовска. Во рамки на промоцијата, претставници на кочанските планинарски друштва „Москито“ и „Осогово“ и од извидничкиот одред „Ластовица“ разменија искуства со Арсова за можностите и предизвиците во планинарењето. Исто така, ученици од кочанските основни училишта, мотивирани од нејзините врвни постигнувања, твореа на ликовна работилница под наслов „Инспиративната природа – поттик на еден вљубеник во планинските височини“. Настанот се реализираше со средства од Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите на Општина Кочани. та/дма/

Остани поврзан