• петок, 08 ноември 2024

Во Кочани одбележана 115-годишнината од загинувањето на Никола Карев

Во Кочани одбележана 115-годишнината од загинувањето на Никола Карев
Кочани, 27 април 2020 (МИА) – Симболична свеченост по повод одбележувањето на 115-годишнината од загинувањето на Никола Карев се одржа денеска во спомен паркот во месноста Свиланово кај кочанското село Рајчани. Поради вонредната состојба во државата делегации од локалната самоуправа и Советот на Општина Кочани положија само свежо цвеќе на спомен обележјето на претседателот на Крушевската Република, а изостанаа планираните културно-историски активности по овој повод. - Почитувајќи ги препораките и мерките за заштита од коронавирусот, го прилагодивме и одбележувањето на овој трагичен датум од македонската историја. Овојпат изостана присуството на делегација од збратименото Крушево, родното место на револуционерот кој со своето дејствување остави неизбришливи траги во нашата историја и создаде традиционално пријателство меѓу двата града. Немаше ниту претставници од основното училиште што го носи името на Карев, како и од соседните општини и од други институции. Сепак, достојно ја изразуваме почитта кон него, а токму на местото каде што загинал ветуваме дека никогаш нема да згаснат сеќавањата на неговото дело за нас и за новите генерации, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев. Во рамки на одбележувањето на годишнината од смртта на големиот револуционер, свежо цвеќе беше положено и на спомен обележјата кај селото Тркање, како и во паркот на Револуцијата во Кочани.ат/бт/

Остани поврзан