• четврток, 07 ноември 2024

Во Корча в петок ќе биде отворена изложбата „Иконите на Дичо Зограф“

Во Корча в петок ќе биде отворена изложбата „Иконите на Дичо Зограф“

Дебар, 25 септември 2024 (МИА) - Во рамки на Европските денови на културното наследството и Денот на албанското национално културно наследство, во албанскиот град Корча, в петок ќе биде отворена изложба на икони, дело на познатиот македонски зограф Дичо Зограф.

-Со посебно задоволство го најавуваме отворањето на изложбата „Иконите на Дичо Зограф“ во Музејот на средновековна уметност во соработка со Националниот историски музеј и Регионалната дирекција за културно наследство-Корча. Нашето културно наследство ја покажува длабоката поврзаност меѓу народите и културите и на соодветен начин ги промовира мрежите и патувањата на заедничките вредностите низ вековите, како што се оние меѓу Албанија и Северна Македонија, стои во објавата.

На изложба ќе бидат поставени 12 икони на Дичо Зограф, меѓу кои и „Убавите врати“ од иконостасот на црквата „Свети Никола“ во Елбасан. Ќе бидат изложени и скапоцени златни и сребрени предмети, како крст, прекривки на икони и евангелски корици.

-Ве покануваме да ни се придружите на 27 септември во 18:00 часот во просториите на Музејот на средновековна уметност во Корча, да уживаме во ова наше културно богатство, се додава во објавата.

Минатата година успешно беше извршена реставрација на три икони на Дичо Зограф: „Свети Атанас“ (1855), „Свети Харалампиј“ (1855) и „Свети Никола “ (1859), коишто се дел од иконостасот во црквата „Св. Никола“ во околината на Елбасан и кои од 1999 година се во фондот на Националниот историски музеј во Тирана. Негови дела има и во цркви во областа Голо  Брдо, изработени во 1853 година, меѓу нив иконата со Богородица во црквата „Св. Ѓорѓија“ во селото Врница. 

Дичо Зограф е еден од водечките зографи на Дебарската школа и еден од најпознатите иконописци и фрескосликари на Балканот во XIX век. Претставник е на дебарската уметничка школа од 19-тиот век и е автор на околу 2000 икони во црквите и манастирите на Балканот. Роден е 1819 година во селото Тресонче, област Мала Река, општина Маврово и Ростуше (поранешна дебарска околија).  Основите на зографскиот занает Дичо ги совладал во Бигорскиот манастир. Најмногу научил од мајсторот Михаил кој со својот син Димитрија (подоцна замонашен како Даниил) дошол од Самарина (Епир). Стекнатото искуство кај овие двајца зографи, Дичо го надградил, а потоа и го развил својот препознатлив стил. вт/мд/

Остани поврзан