• сабота, 23 ноември 2024

Во Кенија досега пронајдени 90 тела на сектата-црква

Во Кенија  досега пронајдени 90 тела на сектата-црква

Шакaхoла, 26 април 2023 (МИА) – Во Кенија досега се пронајдени 90 тела на членови на сектата кои гладувале до смрт, а чиј проповедник бил самопрогласениот пастор Пол Мекензи Нтенге.

Нтенге, кој на своите следбеници им проповедал да постат до смрт за да се сретнат со Бога, беше уапсен на 14 април поради неговите врски со култот на гладувањето.

По пријава од граѓанин минатата недела полицијата го пронашла свештеникот и уште 15 изнемоштени лица во „Меѓународната црква на добрите вести“, каде што гладувале.

Денешниот биланс е сè уште привремен, бидејќи иследниците го очекуваат најлошото во она што сега се нарекува „масакр во шумата Шакахола“, по местото во југоисточна Кенија каде беа пронајдени телата на членовите на „Меѓународната црква  на добри вести“.

-Не знаеме колку масовни гробници и колку тела ќе откриеме, изјави кенискиот министер за внатрешни работи Китур Киндики, кој денеска дојде на локацијата.

Според извори на француските меидуми, телата на децата се најбројни меѓу пронајдените тела.

Хусеин Калид, извршен директор на невладината организација „Хаки“, која алармираше за активностите на оваа секта, изјави дека 50 до 60 отсто од телата се деца, а потоа жени и на крајот мажи.

Поради размерите на „масакрот“, операциите за пребарување се прекинати извесно време додека се обработуваат досега пронајдените тела и се расчистуваат преполните мртовечници.

Инспекторите во последните неколку дена ја пребаруваат црвената земја на голема површина од околу 325 хектари каде може да се најдат десетици гробници.

Министерот додаде дека постои можност самопрогласениот свештеник на сектата, Пол Мекензи Нтенге, да биде кривично гонет за „тероризам“.

Свештеникот претходно на двапати бил апсен, во 2019 година и во март годинава, во врска со смрт на деца. И во двата случаи бил ослободуван со кауција, а двата предмета се уште се во судска постапка. сд/

 

Остани поврзан