• петок, 05 декември 2025

Во Карпош промовиран еколошки контејнер за текстил

Во Карпош промовиран еколошки контејнер за текстил

Скопје, 4 септември 2025 (МИА) - Еколошки контејнер за собирање, селектирање, рециклирање, преработка и отстранување отпаден текстил, беше промовиран денеска во основното училиште „Владо Тасевски“, од страна на Друштвото за управување со отпад од текстил „Еко-текс груп“ ДОО Скопје, а во присуство на градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, соопштија попладнево од локалната самоуправа.

- Имено, ова овластено друштво за собирање и рециклирање текстилен отпад, ќе постави ваков тип контејнери во сите десет основни и сите четири градинки на територијата на локалната самоуправа. Првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски, истакна дека на овој начин, сите граѓани, ќе можат да ги одложуваат своите стари и непотребни алишта во овие наменски и специјализирани еколошки контејнери, наместо да ги оставаат во класичните контејнери што се наменети за селекција на ѓубрето што се создава во домовите на граѓаните, се наведува во соопштението.

Градоначалникот упатил апел, непотребната облека и сите текстилни материјали, што зафаќаат простор во домовите, а се има желба да се ослободи од нив, да се одложуваат во овие специфични и наменски контејнери, за потоа истите преку рециклирање да имаат употребна вредност.

- Од друга страна, неодамна во една акција за чистење на т.н. дива депонија во населеното место Злокуќани, бевме сведоци, дека огромен дел од насобраниот шут и смет, беше токму текстилна облека од несовесни граѓани кои ја фрлиле на јавна површина. Затоа сега, кога веќе преку соработка со ова Друштво, обезбедуваме специјализирани еколошки контејнери, граѓаните имаат можност токму во нив да ги одложуваат старите и износени парчиња облека или друг вид текстилен материјал, нагласил Јакимовски.

Општина Карпош и во иднина ќе работи на изнаоѓање на креативни решенија, се истакнува во соопштението, со што ќе се унапреди соработката помеѓу локалната самоуправа и граѓаните. Тоа, како што се истакнува, во подигнување на свеста за селекција и рециклирање на разни видови отпад, сè со цел хигиената и чистотата на територијата на општината да биде издигната на завидно ниво. бд/са/

Фото: Општина Карпош

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан