Во Кавадарци изложба на дела од членови на македонското Друштво на ликовни уметници
- Директорот на оваа културна установа, Јаким Зимоски изрази задоволство што љубителите на уметноста имаат можност да ја погледнат годишната изложба на друштвото. Тој потсети дека по вторпат, во Музејот се презентираат дела од годишна изложба на друштвото.
Кавадарци, 24 јануари 2026 (МИА) - Изложба на дела од членови на македонското Друштво на ликовни уметници, беше отворена синоќа во Музеј галеријата во Кавадарци. Станува збор за изложбата „Мал формат и „МиниАРТура".
Директорот на оваа културна установа, Јаким Зимоски изрази задоволство што љубителите на уметноста имаат можност да ја погледнат годишната изложба на друштвото. Тој потсети дека по вторпат, во Музејот се презентираат дела од годишна изложба на друштвото.
- Станува збор за прекрасни ремек дела на околу 33 наши уметници. Имаме прекрасна соработка со друштвото. Овој настан е еден од педесетината, со кои годинава одбележуваме 50 години Музеј галерија, нагласи Зимоски.
Никола Смилков, член на Управниот одбор на ДЛУМ, искажа задоволство од присуството во Кавадарци.
- Иако уметниците беа со ограничен формат, сепак се надевам дека ќе можете да ја препознаете големата монументалност и големата сила што ја носат овие мали дела, истакна Смилков.
Тоа, како што нагласи, кажува, дека форматот може да биде мал, но пораката и енергијата може да биде голема. Притоа изрази надеж дека соработката со Музејот ќе продолжи, во презентирањето на македонската уметност.
Зорица Ташовска Илова, историчар на уметност при Музејот, рече дека малиот формат и минијатурата, иако ограничени по димензија, отвораат широк простор за креативна слобода и јасна визуелна порака.
- Во овие дела секој детал е значаен - секоја линија, боја и форма сведочат за индивидуалната поетика и зрелоста на уметниците. Изложбата претставува пресек на различни ликовни пристапи и техники, обединети околу заедничкиот предизвик, со минимални средства да се постигне максимален визуелен и емоционален ефект. Тука нема простор за случајност, малото дело бара целосна посветеност и прецизност. „Мал формат и МиниАРТура" потсетуваат дека уметноста не се мери со големина, туку со длабочината на идејата и впечатокот што го остава кај публиката, подвлече таа.
Притоа ги покани присутните да им се приближат на делата, да застанат пред нив и да го почувствуваат дијалогот помеѓу уметникот и неговиот мал, но силен израз. свд/вј/
Фото: МИА