• недела, 22 декември 2024

Во израелски напад врз Бејрут убиени четири, а ранети 18 лица

Во израелски напад врз Бејрут убиени четири, а ранети 18 лица

Бејрут, 19 ноември 2024 (МИА) - Во израелски воздушен напад врз населба во централен Бејрут во понеделникот загинаа четири лица, соопшти либанското Министерство за здравство, втор ден по ред откако Израел гаѓаше цели во главниот град на Либан во неговата кампања против Хезболах.

„Чад се издигна од местото на нападот во областа Зукак ал Блат, на кратко растојание од централниот округ на Бејрут каде се наоѓа седиштето на либанската влада. Во нападот се повредени 18 лица“, соопшти Министерството.

Израел ги интензивираше своите бомбардирања на цели во и околу либанскиот главен град во текот на изминатата недела, ескалација што се совпаѓа со знаци на напредок во дипломатските напори предводени од САД за посредување за прекин на огнот.

Од крајот на септември, Израел успеа да му нанесе голема штета на Хезболах со атентат на неговиот водач Саид Хасан Насралах, со бомбардирање големи области на Либан со воздушни напади и испраќање војници во јужен Либан. Хезболах, од друга страна, продолжи да истрелува ракети кон северниот дел на Израел, каде сирените повторно се огласија во понеделникот.

Во Израел една жена загина кога ракета погоди зграда на северот на земјата, јави радиото на израелската армија. Израелската војска соопшти дека околу пет проектили биле истрелани од Либан. Четири лица се ранети во Тел Авив.

Од почетокот на израелската офанзива против Хезболах, цел на серија воздушни напади беа јужните упоришта на групата во главниот град Бејрут.

Во неделата, Израел нападна цели во строгиот центар на Бејрут, при што загинаа десет луѓе во два напади, меѓу кои и портпаролот на Хезболах. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан