• вторник, 24 декември 2024

Во Европа се шверцуваат гасови кои ја затоплуваат климата

Во Европа се шверцуваат гасови кои ја затоплуваат климата

Лондон, 8 април 2024 (МИА) – Големи количества гасови кои се употребуваат за ладење и ја затоплуваат климата од Кина и Турција илегално се шверцуваат во Европа, што го поткопува глобалниот пакт за нивно постепено укинување, се вели во извештајот на Агенцијата за истражување на животната средина (ЕИА) со седиште во Лондон.

Гасовите се хидрофлуоројаглеводороди (HFC), низа хемикалии кои главно се користат за ладење во индустријата и малопродажбата, кои не ја оштетуваат озонската обвивка како другите забранети средства за ладење, но како стакленички гасови можат да бидат неколку илјади пати посилни од јаглерод диоксидот.

И покрај обврските за намалување на употребата на HFC, агенциите за спроведување на законот ширум Европската унија се трудат да ги следат илегалните пратки што влегуваат преку Турција, Русија или Украина, а шверцерите прибегнуваат кон сè пософистицирани тактики за да избегнат откривање, објави ЕИА по две години тајна истрага.

- Сè уште е прилично лесно да се најдат нелегални HFC на европскиот пазар, рече Фин Валравенс од ЕИА. „Постојат знаци дека трговците ги приспособуваат своите методи, стануваат малку попаметни во обидот да ги избегнат властите“.

„Ако можете да шверцувате гас кој најмногу загадува, всушност ќе добиете најмногу пари“, се додава во текстот.

Како дел од амандманот од Кигали на Монтреалскиот протокол од 2016 година, европските и другите индустријализирани земји се обврзаа да ја намалат употребата на HFC за 85 проценти од 2012 до 2036 година. За да дојде до постепено намалување, на овластените производители и потрошувачи на HFC им се доделени квоти кои постепено се намалуваат.

Но, бидејќи побарувачката е сè уште голема, постепеното намалување ги зголеми цените, создавајќи поттик за шверцерите, од кои многумина се и овластени трговци, да стават на располагање поголема понуда, се вели во извештајот.

„Многу е полесно ако имате лиценца само да ја надминете вашата квота: тоа е многу тешко да се докаже“, рече Валравенс. „Целта на етапното намалување е да се поскапат HFC и луѓето да се натераат да мислат дека алтернативите се подобри и поисплатливи, но ако има нелегална трговија и се продава по половина од цената, целиот систем се распаѓа“.

Истрагата за ЕИА од 2021 година покажа дека нелегалните HFC шверцувани во Европа може да изнесуваат 20 до 30 проценти од обемот на легалната трговија, што е еквивалентно на до 30 милиони тони CO2. Новиот извештај не дава ревидирана проценка, но Валравенс рече дека „многу малку се променило“.

Кина е најголемиот светски производител на HFC, со 39 овластени производители кои добија дозволи за производство еквивалентни на 185 милиони тони CO2 оваа година. Во декември беа издадени нови правила за казнување на компаниите кои ги надминуваат нивните квоти.

Дури и кога се достапни алтернативни производи, спроведувањето на постепеното укинување на хемикалиите е голем предизвик, при што некои влади „не можат или не сакаат да се справат со тоа“, рече Иан Рае од Универзитетот во Мелбурн, кој беше технички советник на Монтреалскиот протокол.

„Се чини дека секогаш има побарувачка од клиенти кои се задоволни со стариот производ и се двоумат да се префрлат на новиот, кој може да биде поскап“, рече тој. јт/

Повеќе на https://eia-international.org/news/illegal-smuggling-of-refrigerant-gases-into-europe-continues-as-the-climate-crisis-worsens/

Остани поврзан