• сабота, 23 ноември 2024

Во Дојран изградба на нова пречистителна станица и санација на колекторскиот систем

Во Дојран изградба на нова пречистителна станица и санација на колекторскиот систем
Дојран, 12 септември 2022 (МИА) - Општина Дојран заедно и со помош на Владата предводена од СДСМ заеднички и во услови на светска криза, успеа да обезбеди финансиски средства за изградба на нова пречистителна станица и санација на колекторскиот систем. Со ова конечно го решаваме деценискиот проблем и уште еднаш на дело докажуваме дека најголем приоритет е нашиот бисер- Дојранското езеро, објави на фејсбук градоначачникот на Дојран, Анго Ангов. Според него, прв пат бил спроведен месечен мониторинг во времетраење од две години за утврдување на квалитетот на водата и изворите на загадување на езерото, а анализите покажале дека ги идентификувале главните извори на загадувањето-постоечката Пречистителна Станица која недоволно ги пречистува водите поради нејзина застареност и немање на соодветна напредна технологија и отпадните води кои се произведуваат во селата на подрачјето на сливот на езерото, а истите не се пречистуваат. -Согласно овие резултати, Општина Дојран и „Милиеуконтакт“ презедоа итни мерки за отстранување на загадувањето од овие извори, односно беа изготвени две Физибилити студии за пречистување на отпадните води од Пречистителната станица и во селата Фурка, Николиќ и Црничани. Исто така, беше отстранета дел од патеката долж крајбрежјето со што се овозможи природно прочистување на езерото, напиша Ангов. Додава дека „Милиеуконтакт“и Општина Дојран во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање организирале донаторски настан со цел подигање на свеста за алармантната состојба на Дојранското Езеро и за прибирање на финансиски средства за санирање на истата. Во моментот, Општина Дојран со поддршка од Милиеуконтакт има поднесено апликација за добивање на капитални средства со кои ќе се изгради нова пречистителна станица и ќе се воспостави систем за прибирање и пречистување на водите во Фурка и Црничани. Тој се осврнува и на квалитетот на водата во езерото, која според резулатите од Институтот за јавно здравје е од втора категорија и е исправна за капење и рекреација. -Ние како Општина имаме направено многу за заштита на водата во Дојранското Езеро и животната средина и за таа цел имаме склучено договор со „Милиеуконтакт“, односно се ангажирани експерти кои работат на проекти и привлекување финансиски средства за подобрување на квалитетот на водата и во повеќе наврати имам кажано дека квалитетот на водата е добар, но треба да се трудиме сите заедно да го подобриме квалитетот и Дојранското Езеро да го зачуваме и да биде во својот полн сјај, смета градоначалникот Ангов. Посочува дека прв пат се изработува План за управување со споменикот на природа-Дојранско Езеро, со кој се предвидуваат мерки за следните десет години со кои значително ќе се подобри состојбата на езерото и заштитата на неговиот биодиверзитет и исто така ќе се воспостави одржливо управување со подрачјето. Инаку, од Општината информираа дека од годинашната сезона, која полека завршува, се задоволни. Очекуваат да се надмине бројката од 100 илјади остварени ноќевања, а покрај домашните голем е бројот на српските туристи кои годинава останувале повеќе денови за разлика од порано кога само транзитирале. рт/цр

Остани поврзан