• недела, 22 февруари 2026

Во Демир Капија одбележан светскиот ден за свесноста за значењето на мршојадците

Во Демир Капија одбележан светскиот ден за свесноста за значењето на мршојадците
Демир Капија, 1 септември 2022 (МИА) - Во Демир Капија денеска беше одбележан светскиот ден за свесноста за значењето на мршојадците како чистачи во природата, како значаен сегмент во синџирот на исхраната. Во рамките на проектот „Нова Надеж за египетскиот мршојадец“, којшто се спроведува пет години во 14 држави на три континенти, беше промовиран мурал на египетски мршојадец или кања на ѕидот на училишната зграда од училиштето „Димче Ангелов Габерот“, беа реализирани и две предавања за важноста на овие птици пред ученици во училишниот двор и пред други заинтересирани лица во демиркапискиот музеј. Проектот го спроведува Македонското еколошко друштво, а активностите во Демир Капија се во соработка со еколошкото друштво „Јужна еколошка станица“ и „Макгеопарк“. Претседателот на еколошкото друштво, Гордана Крстевска, како дипломиран биолог и наставник, најпрвин одржа едукативен час, информирајќи ги учениците за тоа зошто е важно да се грижиме за птиците, да не се убиваат, трујат, да не се крадат нивните јајца и малечки и да не се продаваат. Пред присутните во музејот, таа исто така се осврна на огромното богатство што го има Демир Капија со овие птици и за тоа дека тоа богатство треба да се чува и за идните генерации. Ненад Петровски од Македонското еколошко друштво, зборувајќи за египетскиот мршојадец или кања, рече дека Демир Капија, со своите уникатни географски, геоморфолошки и климатски карактеристики, претставува едно од најсоодветните подрачја за мршојадци во Северна Македонија. Тој нагласи дека денес за жал во околината на Демир Капија, е преостанат уште еден гнездечки пар, споредено со 10 пара кон крајот на 1980-тите години. - Една од заканите со коишто се соочуваат овие птици во Демир Капија е вознемирувањето во близина на гнездото за време на гнездечката сезона (април – септември). Египетскиот мршојадец е многу осетлив на човеково присуство во непосредна близина на карпите каде што гнезди. Континуираното присуство доведува до пропаѓање на гнездото и смрт на младите внатре, со што се прекинува процесот на репродукција за таа сезона. Имајќи предвид дека се работи за исклучително ретка и загрозена птица, дури и најмалите загуби на единки можат да придонесат до трајна загуба на овој вид од нашата држава. Во таа насока одговорното однесување вклучува избегнување на качувачки активности во радиус од 300 метри околу гнездото на овие птици, дециден беше Петровски. Тој додаде дека е ова досега најамбициозен проект во свет, за заштита на мршојадци. Сепак, како што додаде тој, радува фактот што по цели дваесет години посветена работа на оваа проблематика од страна на македонските еколози, конечно се нормализира состојбата со популацијата на овој вид птици. Сега, како што додаде, треба да се поработи на зголемување на бројот на единки и нивните млади. Во рамките на проектот, во музејот беше промовирана и идејата за вина со етикета на којашто има насликано мршојадец. Авторот на оваа идеја, Звонимир Будимировиќ појасни дека првите вина полнети во винаријата „Стоби“ се репрезентативни, а во иднина со секое купено шише од ова вино, ќе се донира за заштита на мршојадците во Демир Капија. свд/мс/

Остани поврзан