• среда, 25 декември 2024

Во Делчево реализиран настан под мотото „Со розово за женското здравје“

Во Делчево реализиран настан под мотото „Со розово за женското здравје“

Делчево, 18 октомври 2022 (МИА) - Во организација на Комисијата за еднакви можности при Општина Делчево во соработка со Јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево е реализиран настан под мотото „Со розово за женското здравје“.

Целта на настанот, како што информираше Јасмина Ќурчиска, претседател на Комисијата за еднакви можности е подигнување на свеста за ракот на дојка и промовирање на редовните прегледи.

- Денес жените од Делчево можат да направат ехопреглед на дојка во Здравствениот дом, а мамографски преглед во Македонска Каменица, што значи дека жените од нашиот град без многу малтретирање и без поголеми трошоци, можат да ги направат основните прегледи дома, нешто што не беше возможно претходниот период. Останува уште свеста кај жените. Секоја да размисли за сопственото здравје и да врши редовни прегледи, истакна Ќурчиска.

Главната порака која беше упатена на денешниот настан, како што додаде, заменик-координаторот на КЕМ Делчево Даниела Такева е без разлика колку години имаат жените и колку се убедени дека тоа ним не може да им се случи - треба да практикуваат редовни прегледи - ехо и мамографија бидејќи раното откривање на малигните промени на дојка се најдобрата основа за да се продолжи квалитетот на животот.

-Има жени оперирани од рак на дојка пред 10, 15, 20 години, а денес имаат нормален квалитет на животот. За да бидете дел од ова семејство - одете на прегледи. Комисијата за еднакви можности заедно со вас ќе ги руши бариерите, но првиот чекор е на жената да оди редовно на прегледи, порача Такева.

За седум месеци во Здравстевниот дом во Делчево се направени околу 250 прегледи, а е дијагностициран рак на дојка кај три пациентки, додека кај 25 се дијагностицирани бенигни промени.  

-Ракот на дојката е најчесто малигно заболување кај жената и најчеста причина за смрт. Во Северна Македонија годишно има околу 750 новодијагностицирани случаи, а бројот на починати на годишно ниво е 293. Со комбинација на ехо преглед и мамографија се постигнува точност во дијагнозата од 98 отсто со што дијагностицирањето во раната фаза и правилното лекување водат до 90 отсто излекување од карцином на дојката, порача спец.д-р Андријана Илиевска-Велковски. Додаде дека е задоволна од интересот кај жените во Делчево за прегледи и порача дека ако има потреба ќе се дозволат и повеќе прегледи за ехо на дојка.  

Директорката на ЈЛБ „Илинден“ Биљана Петровска потсети дека секоја 14 жена со рак на дојка е под 40 години, податок што, како што рече,треба да не загрижи.  

-Ракот на дојката е болест за која не смее да се молчи и боласт која не смее да се игнорира. Затоа се вклучуваме во оваа акција со цел да придонесеме за одбележување на месецот за борба против ракот на дојката. Со тоа сакаме да ја подигнеме свеста за оваа болест и да ги поттикнеме жените редовно да прават прегледи, рече Петровска.  

На настанот беа поделени информативни флаери, розови машнички, а жените кои имаа потреба можеа да разговарат со спец. д-р Андријана Илиевска-Велковски. вс/мд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан