• понеделник, 23 декември 2024

Во Делчево промовиран прирачникот за машкото здравје „Фокусирај се на себе, за себе“

Во Делчево промовиран прирачникот за машкото здравје „Фокусирај се на себе, за себе“

Делчево, 20 јуни 2024 (МИА) - Во Делчево вечерва беше промовиран прирачникот за машкото здравје „Фокусирај се на себе, за себе“. Во рамки на промоцијата беше потенцирано дека целта на настанот е да се подигне јавната свест за превенција и раното откривање на болестите и грижата за машкото здравје. 

Заменик координаторката на Комисијата за еднакви можности Даниела Такева истакна дека преку овој настан невладиниот сектор во партнерство со локални институции и Општина Делчево се обединува за јавно и гласно да говори против табуата и стереотипите и да апелира до машката популација за редовни здравствени прегледи. 

-Како Комисија за еднакви можности во партнерство со нашите партнери, Организацијата ЖЕНА, КХАМ и ЈЛБ „Илинден“ изминатиот период организиравме низа настани за подигање на свеста за жените за рано откривање на малигни заболувања, а еве прв пат организираме трибина, чиј фокус е машкото здравје. Со ова ја потврдуваме нашата основна цел- еднаквите можности и на мажите и на жените за пристап до здравствени услуги, за важноста за рана детекција на заболувањата кај двата пола и нагласуваме дека превенцијата е најдобриот лек за малигните заболувања, рече Такева.

Во име на  Комисијата за еднакви можности таа изрази благодарност до Петра Лукароска од Здружението за унапредување на здравјето „Филип Лукароски“, единствено здружение кое посветено работи на подигање на свеста на мажите за рано откривање на болестите,  до д-р Влатко Кузманоски спец. уролог, до д-р Андријана Илиевска-Велковски, спец рентгенолот и до психолог Дејан Глинџарски.

-Вечерва Делчево имаше и ексклузивна можност да се запознае со единствениот прирачник за машкото здравје во државава изготвен од Здружението „Филип Лукароски“, каде се поместени совети, начини на самопреглед и патот до дијагностиката во здравството и главната порака на овој прирачник - Редовните прегледи на мажите и нивното психичко здравје се најважните фактори во борбата против болестите кои се специфични за мажите, додаде Такева.

Претседателката на здружението „Филип Лукаревски" Петра Лукаревска им порача на мажите дека редовните прегледи се важни за превенција и рано откривање на болестите, навремена дијагностика и навремен професионален третман.

-Со тоа ќе си овозможите подолг и поквалитетен живот. Докторот ќе ги дијагностицира болестите навреме, ќе ви понуди препораки за промена на животниот стил, навиките, начинот на исхрана и ќе ви посочи патеки за поуспешно „управување“ со вашето здравје.  Здравјето треба да ви биде на прво место. Редовните прегледи треба да ви бидат навика, а не обврска. Покрај редовните посети на лекар, самопроверките се клучен и лесен начин да го заштитите вашето здравје, но за да може да ги препознаете промените вие претходно треба да го запознаете вашето тело, рече Лукаревска.

За крај сите учесници апелираа и порачаа дека превентивните прегледи се најдобар лек за сите болести. 

Од Јавната локална библиотека „Илинден“ ги информираа присутните дека прирачникот ќе биде достапен до сите членови кои ќе можат да го изнајмат од библиотеката. вс/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан