• сабота, 23 ноември 2024

Во Делчево прогласена најдобрата медицинска сестра за 2020 година

Во Делчево прогласена најдобрата медицинска сестра за 2020 година
Делчево, 12 мај 2021 (МИА) - По повод Меѓународниот ден на медицинските сестри, во Делчево прогласена најдобрата медицинска сестра за 2020 година. Добитник на наградата е Татјана Спасевска, вработена во Итната медицинска помош во Делчево, која наградата ја посвети на нејзината почината мајка.
- Оваа награда ја посветувам на мојата мајка која ме воведе во почетоците на медицината и долги години работеше во Здравствениот дом во Делчево. Исто така ова не е награда само за мене, туку за целиот персонал од здравствениот дом во Делчево, бидејки во денешно време да се биде медицинска сестра претставува голема хуманост во напорите да им се помогне на луѓето. Се трудиме колку што можеме да ја победиме оваа чума на 21 век, има многу предизвици, но се надевам дека досега се беше во најдобар ред, рече Спасевска.
Претседателката на општинското здружение на медицински сестри, Сузана Пановска рече дека целта на доделувањето на овие награди е да се оддаде почит за работата на сестринството.
- Почнувајки од 5 Мај - Денот на акушерките, па се до 12 Мај - Денот на сестрите, се одбележува Денот на медицинските сестри. Оддавајки голема важност за придонесот во општеството на сестринството, Светската здравствена организација под мотото „Глас што води - визија за здравјето во иднина“ со право ги прогласи 2020 и 2021 година за години на сестринството, истакна Пановска.
Честитајки им го денешниот ден на вработените, директорката на Здравствениот дом Марија Глигоровска додаде дека организирањето на медицинските сестри во сопствено здружение, е од огромно значење за остварување на нивните права.
- Она што е значајно е дека нашите сестри од Делчево и од Македонска Каменица долги години се организирани на ниво на општина и се дел од републичкото здружение преку кое ги остваруваат своите права. Наградата секако дека значи големо признание за самиот медицински персонал на кој му посакувам добро здравје и се надевам дека оваа традиција ќе продолжи и понатаму, рече Глигоровска.
Меѓународниот ден на сестринството во Делчево се одбележа со почитување на мерките за заштита од Ковид-19.вс/фф/

Остани поврзан