Во Дебарско лани регистрирани 53 сообраќајни незгоди, нема загинати лица
- По патиштата во дебарско во текот на минатата година регистрирани се вкупно 53 сообраќајни незгоди, за среќа без жртви, потврди за МИА Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работ
Дебар, 7 февруари 2022 (МИА) - По патиштата во дебарско во текот на минатата година регистрирани се вкупно 53 сообраќајни незгоди, за среќа без жртви, потврди за МИА Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи во Охрид.
-Во текот на минатата година, на подрачјето на Одделението за внатрешни работи-Дебар, кое со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа, случени се вкупно 53 сообраќајни незгоди, во кои нема загинати лица, 34 лица се здобиле со лесни а четири лица со тешки телесни повреди. Претходната, така наречена пандемска година, пак, се случени вкупно 29 сообраќајни незгоди во кои нема жртви, а 14 лица се здобиле со телесни повреди, додаде Димоски.
Најтешката сообраќајка минатата година се случи на 12 декември во која учествуваа две патнички моторни возила, едното од Дебар а другото од селото Новак, општина Центар Жупа, во која беа повредени седум лица, од нив две потешко.
Со цел зголемување на сообраќајната безбедност на ова подрачје беа спроведени 80 републички и 40 локални акциски контроли кон сите учесници на сообраќајот.
-При овие контроли, затекнати и санкционирани се возачи кои управувале моторно возило под дејство на алкохол, со брзина поголема од дозволената, престигнувале возило на места каде тоа со соодветен сообраќаен знак е забрането, возеле технички неисправни возила, со што ја загрозуваат својата и безбедноста на другите учесници во сообраќајот, поочува Димоски.
Кога станува збор за пешаците, тие најчест прекршок прават кога преминуваат коловоз на необележан пешачки премин, доведувајќи ја пред сè во опасност личната безбедност.
Како што додаде портпаролот, ОВР-Дебар преку полициската станица за безбедност во патниот сообраќај спроведува и превентивни сообраќајни кампањи, со цел јакнење на сообраќајната култура, личната свест и совеста кај сите учесници, за поголема внимателност во сообраќајот. вт/бт/