• среда, 27 ноември 2024

Во Грција откриени над 200 килограми кокаин од Латинска Америка и уапсени четири лица

Во Грција откриени над 200 килограми кокаин од Латинска Америка и уапсени четири лица

Атина, 23 мај 2024 (МИА) – Грчката полиција разби меѓународна криминална група активна во увоз и трговија на кокаин од Латинска Америка, при што биле откриени 210 килограми кокаин и упасени четири лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од грчката полиција, кокаинот се пренесувал по морски пат, скриен во контејнери, бил наменет и за Грција и за други европски земји, а членовите на криминалната организација се стекнале со огромни незаконски приходи кои надминуваат пет милиони евра.

Повеќемесечната истрага била во соработка со Канцеларијата на ДЕА во американската амбасада во Атина, со Специјалната антитерористичка единица на Дирекцијата на специјалните полициски сили и Одделот за борба со дрога на царината во Пиреја и со помош на соодветните оддели за борба со дрога во Управата за економски криминал и Крајбрежната служба.

Полицијата вчера наутро спровела акција при што бил пронајден и уапсен 48-годишниот маж кој имал водечка улога во криминалната организација и кај него биле пронајдени 180 импровизирани најлонски пакувања со кокаин, со вкупна тежина од 210 килограми и 300 грама.

Паралелно, од полицијата соопштија дека уапсениот е осуден и на 20-годишна затворска казна, за случај од 2017 година, кога бил обвинет дека за одговорен во лабораторија за производство на таблети од синтетичка дрога, кога беа пронајдени и одземени повеќе од 634.000 таблети „Каптагон“.

Меѓу четворицата уапсени е и 64-годишен кој издржувал затворска казна во САД за неговата вмешаност во случај за трансфер на оружје од Европа.

Фото: Грчка полиција

Остани поврзан