• четврток, 09 јануари 2025

Во Грција започнаа дискусиите и шпекулациите за претседател на земјата

Во Грција започнаа дискусиите и шпекулациите за претседател на земјата

Атина, 8 јануари 2025 (МИА) – Кој ќе биде владиниот предлог за нов претседател? Ќе добие актуелната претседателка зелено светло за втор мандат?, се дел од прашањата што во изминатите денови се поставуваат во Грција, со оглед на тоа што се ближи крајот на петгодишниот мандат на актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу, која беше избрана на 22 јануари 2020 година, а положи свечена заклетва на 13 март истата година, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно Уставот, претседателот во Грција го одбира Парламентот по предлог на Владата, најмалку еден месец пред истекот на мандатот на актуелниот претседател, а предвидени се најмногу три гласања, доколку при првото не се постигне потребното двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.

Сакеларопулу во 2020 година, на предлог на Владата на Нова демократија беше избрана при првото гласање, со широко мнозинство, односно со поддршка од три партии и со 261 глас, 61 повеќе од неопходниот минимум, со што од претседателка на Советот на државата – највисоко судско тело во земјата, стана претседателка на Грција и прва жена на чело на државата.

Тогаш, доби поддршка од владејачката Нова демократија и опозициските СИРИЗА и Движење за промени (ПАСОК), сега пак, енигма е дали Сакеларопулу одново ќе биде владин предлог за втор мандат или грчкиот премиер ќе излезе со нов предлог.

Со оглед на тоа што роковите течат, во грчките медиуми од вчера се објавува информацијата дека следната седмица, веројатно во среда, Мицотакис ќе се сретне со Сакеларопулу, средба што е пракса да се одржува еднаш месечно во рамките на редовната комуникација меѓу премиерот и претседателката, меѓутоа овој пат, можно е да има друго значење и друга тема на дискусија.

Информациите, за кои сè уште не постои официјална потврда, се дека Мицотакис ќе ја извести Сакеларопулу за неговата одлука, по што во продолжение ќе ја информира и јавноста за владиниот предлог за претседател.

Засега грчкиот премиер не ги отвора картите, а единствено има изјавено дека одлуките ќе бидат соопштени во втората половина на јануари, додека во медиумите веќе се споменуваат одредени имиња на поранешни и сегашни политичари кои би можеле да бидат кандидати за претседател, заедно со калкулации околу тоа кој би можел да добие поддршка и од опозициските партии.

Од опозицијата ја чекаат владината одлука, пратеници од ПАСОК во изминатите денови коментираа дека претседателот треба да биде личност што го симболизира националното единство, додека од СИРИЗА ги повикаа прогресивните сили да се обединат и да достават заеднички предлог.

Според министерот без ресор Танасис Кондогеоргис, најдоцна до 13 февруари треба да започнат процедурите за избор на претседател. 

Со уставните измени на крајот на ноември 2019 година, изборот на претседател се одвои од предвременото распуштање на Парламентот, за да се избегне рептиза на она што се случи во 2015 година, кога недоволниот број гласови за претседателскиот кандидат доведе до предвремени избори во земјата.

Сега, при гласањето во Парламентот доколку кандидатот не добие двотретинско мнозинство, гласањето се повторува по пет дена, а доколку и при второто гласање не се постигне потребното мнозинство, ќе се одржи и трето, по пет дена и во тој случај се избира претседател на државата кој добил мнозинство од три петтини од вкупниот број гласови, односно поддршка од 180 од вкупно 300 пратеници. ср/

Остани поврзан