• вторник, 24 декември 2024

Во голем дел завршена процената на штетите од пожарот во грчката област Атика – 104 куќи целосно или привремено несоодветни за користење 

Во голем дел завршена процената на штетите од пожарот во грчката област Атика – 104 куќи целосно или привремено несоодветни за користење 

Атина, 17 август 2024 (МИА) – Тимовите од Генералниот секретаријат за санација на штетите од елементарни непогоди на Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, во голем дел ја завршиле евиденцијата и процените на штетите од големиот пожар во североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина и 104 домови се класифицирани како несоодветни или привремено несоодветни за користење, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција соопштија дека тимовите извршиле проверки во општините зафатени од пожарите и досега биле проверени 184 објекти, од кои 158 куќи, 21 магацин, два јавни објекти и три деловни простории.

Проверките покажале дека 40 куќи се класифицирани како несоодветни за употреба и треба да се срушат, 64 се привремено несоодветни и потребна е поправка, додека пак 54 куќи биле окарактеризирани како погодни за употреба со помали оштетувања.

Од Министерство за климатски кризи и цивилна заштита на Грција посочија дека проверките ќе продолжат и во следните денови во поширокиот регион на Атика.

Пожарот во близина на Атина што избувна во неделата попладне и 40 часа подоцна беше целосно изгорен зафати површина од околу 10.000 хектари и предизвика штета на голем број објекти. ср/ми/

Фото: Министерство за климатски кризи и цивилна заштита на Грција

Остани поврзан