• понеделник, 23 декември 2024

Во Висконсин половично гласање на изборите за номинација на демократски претседаталски кандидат

Во Висконсин половично гласање на изборите за номинација на демократски претседаталски кандидат
Вашингтон, 7 април 2020 (МИА) - Во американската сојузна држава Висконсин денеска се гласа на прелиминарните избори за демократски претседателски кандидат, но не се знае дали изборите ќе бидат успешни, откако судот одлучи дека гувернерот на државата нема надлежност да ги одложи изборите. Прашањето беше дали да се одржат изборите во време на епидемија на коронавирусот, и гувернерот на државата Тони Еверс издаде наредба за одложување на гласањето. Сепак, Врховниот суд на државата одлучи дека Еверс нема доволно овластувања за да ги одложи изборите самостојно. Четворицата конзервативни судии гласаа за поддршка на пресудата, додека двајцата либерални судии гласаа против. Гласачите сега се соочуваат со избор дали да гласаат на изборите или да ги следат советите на здравствените власти за социјално дистанцирање. Илјадници членови на избирачките места соопштија дека нема да работат, што доведе до затворање на стотици гласачки места во државата, јави Гласот на Америка. Градот Милвоки, најголемиот град во Висконсин, соопшти дека ќе бидат отворени само пет избирачки места наместо предвидените 180. Во тие места испратени се војници од Националната гарда за да помогнат во регулирање на гласањето согласно правилата за социјална дистанца. Во Висконсин потврдени се повеќе од 2.200 случаи на инфицирани со коронавирус, регистрирани се 73 смртни случаи. Повеќе од десеттина американски држави ги одложија изборите за април и мај, за избор на претседателски демократски кандидат со надеж дека дотогаш, последиците од вирусот ќе се намалат доволно за да се овозможи гласачите да излезат на гласачките места и да гласаат без да го загрозуваат нивното здравје. Битката се води меѓу поранешниот потпретседател Џо Бајден и сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс. Бајден неодамна укажа на можноста да се одложи и Националниот конгрес на Демократската партија во јули, настан на кој официјално се номинира претседателскиот кандидат од партијата. кб/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан