• сабота, 28 декември 2024

Во Вински музеј Кавадарци реализиран настан „Станушината се враќа дома" 

Во Вински музеј Кавадарци реализиран настан „Станушината се враќа дома

Кавадарци, 27 декември 2024 (МИА) - Гроздови од автохтоната сорта грозје „станушина", набрани во Тиквешко, со години чувани соодветно во Земјоделски институт Скопје, денеска беа подарени на Вински музеј Кавадарци, во рамки на манифестацијата насловена „Станушината се враќа дома". 

Директорката на музејот, Елизабета Ристова рече дека е чест и задоволство да се организира еден ваков настан, по идеја на енологот Елена Богева. 

- Земјоделскиот институт од Скопје што постои 80 години, денеска подари неколку предмети на Вински музеј Кавадарци. Меѓу предметите има такви за анализа на вино, а најзначаен експонат се  гроздовите од сортата „станушина", конзервирани во тегли и чувани со години, подвлече Ристова. 

Директорот на Земјоделскиот институт, Виктор Ѓамовски изрази задоволство што можат да придонесат за збогатување на збирката во музејот, со експонати што  ја претставуваат државата како лозарска и винска земја. 

Александар Клинчаров, како претставник на здружението „Македонски семејни винарии", во обраќањето се осврна на активностите за развој на винскиот туризам и зголемувањето на бројот на производители на грозје и вино од оваа сорта. 

Во рамки на настанот беа посадени три садници винова лоза „станушина", од страна на ученици во Земјоделското училиште. 

Присутните имаа можност да дегустираат вина произведени од грозје од автохтоната сорта. свд/цр


Фото : МИА 

Остани поврзан