• четврток, 26 декември 2024

Во Вински музеј Кавадарци изложба „Теракотните икони од Виничко кале“

Во Вински музеј Кавадарци изложба „Теракотните икони од Виничко кале“

Кавадарци, 14 февруари 2024 (МИА) – Изложбата „Теракотните икони од Виничко кале“ беше отворена денеска во Вински музеј за регион Тиквеш во Кавадарци, во рамките на одбележувањето на традиционалната манифестација посветена на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите, а со поддршка на кавадаречката локална самоуправа.

– Чест ми е да посакам добредојде во амбиентот на минатото, да ги покажеме и споделиме со јавноста богатствата од нашата историја, богатото културно минато на нашата земја, рече директорката Весела Честоева.

Таа појасни дека изложбата е составена од 12 керамички релјефи и осум банери на кои се претставени Виничкото кале и 14 мотиви од нив. Честоева нагласи оти познатите винички „теракотни икони“, што се со потекло од петти до шести век од нашата ера, се вбројуваат во редот на најавтентичните археолошки откритија и претставуваат драгоцен дел од целокупното христијанско уметничко наследство. Тие се, додаде, дел од културното богатство на Македонија и како такви имаат непроценливо значење.

Таа потсети дека теракотните икони поради својата важност и специфичност, досега се презентирани на повеќе светски изложби.

– Република Македонија отсекогаш била крстосница на различни цивилизации што зад себе оставиле безброј докази за едни далечни времиња, за материјалната култура на луѓето кои живееле на овие простори, докази што отсекогаш биле предизвик како за домашните, така и за странските истражувачи, нагласи Честоева.

Изложбата се реализира во соработка со Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ од Виница. Честоева се заблагодари за соработката, посакувајќи таа да продолжи и во иднина.

– На кавадаречката публика и пошироко и нудиме можност после Оксфорд во Англија и Кордоба во Шпанија, да ја погледнат и љубителите на уметноста од Тиквешијата. Претходно, овие дела што се всушност музејски копии на оригиналите од депоата на виничкиот музеј, беа видени во Австралија, Германија Словенија, Бугарија, Холандија, Турција, Португалија, Хрватска, Австрија, Русија, Франција. Пред присутните се обратија и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и директорката на „Теракота“, Јулијана Иванова, изразувајќи го своето задоволство од денешниот настан. свд/ир

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан