Во Велес одбележани 94 години од смртта на Васил Главинов

Велес, 24 јануари 2023 (МИА) - По повод 94-годишнината од смртта на велешкиот и македонски револуционер и поборник за работнички права, Васил Главинов, делегации на Општина Велес и на Општинското основно училиште, што го носи неговото име, денеска положија букети свежо цвеќе пред неговата спомен биста во дворот на училиштето.
Главинов е роден во 1869 година во Велес. Тој е еден од првите македонски социјалисти и организатор на работничкото движење во Македонија и поборник за Балканска федерација.
Основач е на првото просветно работничко друштво во Македонија и целата своја дејност ја посветува на работничките права и идеите за социјална и национална слобода.
Во стариот дел на Велес се наоѓа спомен куќата на Главинов, интересна поради нејзината автентична градска архитектура и претставува своевидна атракција за сите посетители на градот. ад/бд/