• вторник, 24 декември 2024

Во Велес одбележани 121 година од сoлунските атентати на Гемиџиите

Во Велес одбележани 121 година од сoлунските атентати на Гемиџиите

Велес, 28 април 2024 (МИА) – Со положување на цвеќе на споменикот на Гемиџиите во Велес денеска беа одбележани 121 година од сoлунските атентати на Гемиџиите.

Градоначалникот на Велес, Марко Колев, претседателот на Совето,  Зоран Љутков, со членови на Советот на Општина Велес, членови на семејствата на Гемиџиите, претставници од локални институции, граѓански организации и политички партии им оддадоа почит на  Гемиџиите, а беа обновени и буквите на имињата на спомен плочата веднаш до споменикот.

- 121 година саможртва за Македонија. Да се биде од Велес, значи да се расте слушајќи за Гемиџиите. Длабоко во нас е вкоренета нивната саможртва, како пример за љубов кон татковината. Денес се потсетуваме на Солунските атентатори и се гордееме со нивната големина. 121 години подоцна нивното дело сѐ уште жубори во нас и нѐ задолжува да продолжиме со нивниот аманет, порача  Колев.

На обновената спомен плоча повторно се читаат имињата на Јордан Поп Јорданов – Орцето, Димитар Мечев - Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, Георги Богданов, Милан Арсов, Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Поп Јорданов, Алексо Минов, Павел Шатев, Марко Бошнаков и Цветко Трајков.

Под слоганот „Се арчиме за Македонија“  група млади интелектуалци од кои поголемиот дел биле велешани кои се нарекле „Гемиџиите“, на крајот на април 1903 година направиле  серија динамитни акции на  јавни објекти  во Солун  и при тоа внимавале да нема   ниту една жртва, а  според претходниот договор на групата,  саможртва за својата сакана татковина Македонија да бидат  тие самите. Целта им била  да го свртат вниманието  на Европа  за Македонија поробено под турско ропство.ад/ар

Фото: Општина Велес

Остани поврзан