• понеделник, 26 август 2024

Во Вашингтон марш против полициското насилство 

Во Вашингтон марш против полициското насилство 
Вашингтон, 28 август 2020 (МИА) - Во американската престолнина денеска се одржува марш, на 57-годишнината од историскиот марш на Вашингтон за борба за работни места и слобода, кога Мартин Лутер Кинг –помладиот, го изрече познатиот слоган  „Имам сон“.  Маршот во Вашингтон, на кој се очекува да дојдат над 50 илјади луѓе, е продолжување на неколку месечните протести против насилството на полицијата кон Афрамериканците, јави дописникот на МИА од Вашингтон. Протестите започнаа со смртта на Џорџ Флојд, Афроамериканец, кој почина во мај за време на полициско апсење во Минеаполис, Минесота. Неговата смрт стана симбол на многубројните фатални исходи за Афроамериканци  при приведување од полицијата на САД.  Маршот денеска е наречен „Тргни го коленото од врат“, асоцијација со околностите при кои умре Флојд.  Неделава се случи уште еден сличен настан, кога полицаец стрелаше во грбот на Џејкоб Блејк, 29- годишен Афроамериканец од Кеноша, Висконсин. Блејк остана парализиран, а настанот предизвика протести во градот со немири и запалени возила и објекти.  Поради случајот, Националната кошаркарска асоцијација (НБА) и Големата бејзбол лига (МЛБ) објавија дека во знак на протест ги откажуваат следните закажани мечеви од тие лиги.  Настанот во Вашингтон започна на скалите на Меморијалот Линколн, демонстрантите потоа ќе продолжат со марш кон Меморијалот Мартин Лутер Кинг-помладиот.  Како говорници ќе настапат законодавачи и роднини на луѓе кои загинале од полициско насилство.  Настанот е организиран од Националната  мрежа на активисти како пасторот Ал Шарптон, Мартин Лутер Кинг Трети и други организации, како НААЦП, најстарата организација за човекови права во САД, Федерацијата од Американци од шпанско говорно подрачје, Националната градска лига и други групи за заштита на човековите права.  Поради актуелната пандемија на Ковид-19, на сите кои доаѓаат им се мери температурата, а се поставени и 200 точки за дезинфекција на раце, а сите учесници мора да носат маски. кб/

Остани поврзан