Во Бутел над 1200 ученици го формираа најголемото македонско знаме
- Градоначалникот на општината Дарко Костовски во објавата на Фејсбук напиша дека знамето и химната се симболи на државност и секој еден од нас треба да се идентификува и да ги почитува националните симболи.
Скопје, 4 декември 2024 (МИА) - Над 1200 ученици од скопската Општина Бутел денеска формираа најголемото македонско знаме.
Градоначалникот на општината Дарко Костовски во објавата на Фејсбук напиша дека знамето и химната се симболи на државност и секој еден од нас треба да се идентификува и да ги почитува националните симболи.
-Стоиме заедно обединети под светлината на нашето Македонско знаме! Во црвено и жолто, го формиравме најголемото Македонско знаме! Благодарност до Андријана Јаневска која на маестрален начин ја изведе нашата Македонска химна! Со особена гордост го одбележуваме овој значаен момент формирање на Македонското знаме, кое е симбол на независноста, заедништвото и достоинството. Тоа нѐ повикува да бидеме обединети, горди и одлучни во зачувување на нашите вредности. Знамето и химната се симболи на државност и секој еден од нас треба да се идентификува и да ги почитува националните симболи на Република Македонија, напиша Костовски.
Овој чин, додава градоначалникот, не прави горди и говори за љубовта кон татковината и почитта кон нејзините историски вредности.
-Развивање на чуството кај младите луѓе да си ја сакаат, почитуваат, штитат и чуваат татковина, и да ги почитуваат сите нејзини национални белези и симболи за нас е важен момент. Македонија вечна, пишува тој. ев/са/
ФОТО: Фејсбук Костовски