• сабота, 23 ноември 2024

Отворена Европска куќа и во Битола, стартуваа свеченостите за Денот на Европа

Отворена Европска куќа и во Битола, стартуваа свеченостите за Денот на Европа

Битола, 6 мај 2023 (МИА) - Евроамбасадорот Дејвид Гир и градоначалникот Тони Коњановски во присуство на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, денеска во битолскиот офицерски дом отворија Европска куќа Битола.

Со отворањето на Европска Куќа Битола, како што истакна евроамбасадорот Гир, делегацијата на ЕУ во земјава ги почна свеченостите посветени на Денот на Европа.

-Битола стана членка на семејството„Europe House“ во земјава, а Офицерски дом е најпрепознатливиот симбол на големото културно наследство. Очекувам во соработка со градоначалникот да ги оствариме сите планирани активности во рамки на програмата „Europe House“ во која во изминатите години реализиравме над 1.700 настани со 72 000 учесници. Европска куќа во Битола е место каде што младите луѓе ќе може да разговараат за прашања од нивни интерес, но и за други теми поврзани со европската иднина на земјата, истакна амбасадорот Гир и најави отворање на Европска куќа во Велес.

За вицепремиерот Битиќи  ова е еден среќен ден бидејќи овој реконструиран импозантен објект кој долги години беше запуштен и оддаваше лоша слика, денеска освен што претставува објект во кој уживаат не само битолчани, туку и туристите кои доаѓаат во Битола, а ќе биде и прозорецот на младите битолчани кон ЕУ.

Куќата на Европа е вратата и прозорецот на Битола за ЕУ. Во домот на Европа младите битолчани во наредните години ќе креираат важни мрежи за создавање партнерства со младите во ЕУ, и затоа оваа нова куќа на Европа ќе биде отворена за младите, но и за уметниците и другите граѓани, истакна Битиќи.

Реконструкцијата на објектот и неговата околина чинеше 59 милиони денари (околу 960.000 евра), од кои 53 милиони денари беа обезбедени од проектот за локална и регионална конкурентност преку ЕУ фондови.

Отворањето Европска куќа во Битола, според градоначалникот Тони Коњановски значи подршка на градот за реализација на европски проекти кои ги иницира локалната самоуправа.

-Европската иднина на нашиот град можеме да ја изградиме само преку создавање на подобри услови и нови можности во кои креативниот потенцијал на младите ќе продолжи да се развива, надградува и насочува кон реализација на нови идеи и проекти значајни за Битола. „Europe House“ очекувам да биде новиот дом од кој ќе произлезат многу дискусии и идеи кои ќе гарантираат напредок за младите генерации, нагласи Коњановски.

Според програмата, во текот на денот ќе бидат отворени фото изложба „Зрно – кон сонцето!“, придружувана од диџеј-сет на Мартина Пенева и изложба со наслов „Шуќур, изложба на млади дизајнери!“.

Европскиот ден во Битола ќе заврши со музички концерт пред платото на Европска Куќа Битола. мт/мс/

Фото: МИА, Влада

Остани поврзан