• понеделник, 16 декември 2024

Во Битола се одржа трибина „ЕУ за македонското културно наследство“

Во Битола се одржа трибина „ЕУ за македонското културно наследство“

Битола, 6 септември 2023 (МИА) - Кампањата „Ние сме Европа“ чиј предводник е заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, вечерва продолжи во Битола со трибина на тема „ЕУ за македонското културно наследство“.

Пред аудиториумот во Битола, вицепремиерот Маричиќ истакна дека потребата за негувањето на културата на мирот најдобро ја искажа Жан Моне со зборовите „ние не федерализираме држави, ние ги обединуваме луѓето“.

-Европската Унија ги отфрли концептите за судир на цивилизации и се посвети на изградбата и негувањето на - сојуз на цивилизации. Во еден таков контекст, од витално значење за Северна Македонија е да ги промовираме нашиот македонски културен идентитет, нашето културно наследство и вредности, а Европската Унија е вистинското место за тоа. Нашиот стремеж за членство во Европската Унија подразбира и подготвеност да го прифатиме целосно и европскиот идентитет, бидејќи –Ние сме Европа. Но, европскиот идентитет на ниту еден начин не значи дека го потиснува или става во втор план националниот идентитет на Македонците, на Албанците и на Турците во земјата, на Србите, Бошњаците, Ромите, Власите, Хрватите, Црнгорците, Бугарите и на сите останати. Како што културната разноличност е во срцето македонската држава, така е и во Европската Унија, истакна вицепремиерот Маричиќ.

За време на престојот во Битола, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ ги посети Хераклеја и битолскиот Музеј, институции кои реализирале повеќе проекти поддржани од фондовите на ЕУ.

-Културата и креативниот сектор имаат моќ да го подобрат животот, да ги трансформираат заедниците, да создаваат работни места и раст и да поттикнуваат заедништво.  Токму затоа Европската Комисија ги обедини програмите за поддршка во културата во големата програма која се вика „Креативна Европа“. Програмата е развиена за поддршка на културните оператори и за пристап до финансирањето од ЕУ. „Креативна Европа“, водечката програма на Европската комисија за периодот од 2021 до 2027 година, обезбеди 2 милијарди и 440 милиони евра за поддршка на европската култура. Владата на Северна Македонија учествува во оваа програма со вкупен износ од 1,14 милиони евра, распределени во седум години со што се стекна со пристап до буџетот од 2,44 милијарди евра. Буџетот на Креативна Европа со тоа стана буџет и на македонските уметници и културни работници, нагласи вицепремиерот Маричиќ.

За реализираните проекти во Битола во областа на културата потсети министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

- Од 2017 до денес, само преку прекуграничната соработка со Грција и со Албанија во културата во Битола се вложени над 1,5 милиони евра, европски неповратни средства. Битолчани се горди на Офицерскиот дом, реконструиран со помош на ЕУ, за кој донесовме одлука да се прогласи за културно наследство од особено значење. Хераклеја Линкестис е, исто така, пример како преку ИПА-програмата, може да се задржи и да се заштити историската автентичност на овој антички град со инфраструктурни зафати, во вредност од над 410 илјади евра, неповратни средства од ЕУ. Киното „Манаки“ е целосно опремено со европски пари, влог од 250 илјади евра неповратна поддршка од ЕУ, а, пак, на Националната установа Музеј на албанската азбука, со речиси 200 илјади евра, ЕУ ѝ овозможи заедно со грчките музеи партнери, со низа активности, да создаде платформа за мултидисциплинарна соработка, за поттикнување на економијата и туризмот. Националната установа Музеј Битола, со новиот проект „Smart4you2“, ќе врши реконструкција на пристапна патека и на дворот, како и на постојаниот изложбен салон во Музејот. Влогот на ЕУ за македонското културно наследство само за овој проект е 600 илјади евра. Министерството за култура е дел од различни европски проекти, а, конкретно, во програмата „Креативна Европа“ учествуваме со вкупен износ од 1,14 милиони евра, потсети Костадиновска Стојчевска.

На трибината што вечерва се одржа во Битола, заменик амбасадорката на Република Чешка, Андреа Штајнер Вотавова, истакна дека ги поддржува сите иницијативи на Република Северна Македонија да стигне до крајната цел, односно земјава да биде членка на Европската Унија, а јавна поддршка искажаа и други учесници на вечерашниот собир кој се одржа во рамки на кампањата „Ние сме Европа“ која ја организира Секретаријатот за европски прашања и Владата на Северна Македонија кои ги афирмираат и промовираат европските вредности. мт/цр

Фото: МИА

Остани поврзан