• среда, 25 декември 2024

Во Битола отворена изложба фотографии за „Битфест 2022“ од авторот Сашо Ристевски

Во Битола отворена изложба фотографии за „Битфест 2022“ од авторот Сашо Ристевски

Битола, 28 октомври 2022 (МИА) - Фоторепортерот Сашо Ристевски синоќа во свечената сала на Офицерски дом во Битола, промовира изложба на фотографии инспирирани од културните настани кои летоска се одржаа на битолското културно лето „Битфест“.

Станува збор за над 200 авторски фотографии селектирани од 8.000 фотографии од архивата на порталот „Битолањус“ (Bitolanews) чија редакција во присуство на градоначалникот Тони Коњановски, претставници на јавниот живот во градот и гости од повеќе медиуми, одбележа мал јубилеј, 5 години постоење.

- Познато е дека Битола е град со многу вредности и реткости, историски но и актуелни случувања кои најдобро се чуваат со фотографии. За „Битфест“ сведочат фотографиите на Сашо Ристевски, фоторепортер чиј портал „Битолањус“ секојдневно и секоја година континуирано го следи фестивалот во кој се застапени повеќе фестивали, но и други културно уметнички содржини, рече меѓу другото градоначалникот Коњановски прогласувајќи ја изложбата за отворена.

Во изминатите пет години „Битолањус“ објави 48.000 фотографии, 17.000 текстови и околу 500 фотогалерии со недоброј фотографии, потсети фоторепортерот Ристевски пред аудиториумот во битолскиот Офицерски дом.

- Фотографиите се големо богатство и затоа треба грижливо и стручно да се чува. Нашиот портал „Битолањус“ ќе покрене иницијатива за чување и депонирање фотографии во битолскиот Архив, а првите подарени ќе бидат токму од оваа изложба која содржи фотографии од 8 фестивали кои беа составен дел на битолското културно лето „Битфест“, истакна авторот Ристевски.

Фотоизложбата „Битфест 2022“ на авторот и фоторепортер Сашо Ристевски ќе биде отворена за сите посетители на Офицерскиот дом, потврди директорката Лили Бошевска. мт/

Остани поврзан