• петок, 30 август 2024

Во Битола ликовна иизложба „Парчиња живот“ на Бојана Артиновска

Во Битола ликовна иизложба „Парчиња живот“ на Бојана Артиновска

Битола, 30 август 2024 (МИА) - Во Битола вечер ќе биде отворена ликовна изложба „Парчиња живот“ со повеќе од 100 мали формати, изработени во различни техники цртеж, акрил на хартија, акрил на платно, масло на платно, создадени од Бојана Артиновска.

Според ликовниот критичар Владо Ѓорески, секое дело е фрагмент од патот на самооткривање и раст, и преку нивното внимателно поставување во оваа изложба, се рефлектира сложеноста и убавината на обичните моменти кои подсвесно го обликуваат животот. Животот, како уметност сам по себе, е составен од различни „парчиња“ кои заедно формираат уникатно и значајно искуство. Оваа изложба е посвета на тие „парчиња од животот“, гледани како уметност, вели Ѓорески.

-Бојана Артиновска создава сликарство кое се движи, пулсира, вибрира, се развива, се мултиплицира...низ специфична, оригинална и директна ликовна постапка. Таа е ослободена од сите наметнати канони, од сите оценки и анализи за тоа што е добро што не е, таа создава искрено, директно, непрекината, движејќи се исклучиво по својот внатрешен глас. Тоа најмногу ја доближува до елементарното исконско и единствено вистинско создавање а тоа е сликање, цртање, кроки бележење во вид на секојдневен сликарски дневник без разлика како и кон што е насочен, без разлика зошто, кому, колку... Тоа е говор без интерпункција, без „рационална“ пресметлива пауза за разубавување или рационално додавање и стилско препознавање, најави Ѓорески во пресрет на вечерашното отворање на изложбата закажано во битолскиот Центар за култура. мт/вг/


Фото: НУ Центар за култура-Битола
 

Остани поврзан