• понеделник, 23 декември 2024

Во Бигорски почна пријавување за учество на чинот на полагањето на крстот во водите на река Радика

Во Бигорски почна пријавување за учество на чинот на полагањето на крстот во водите на река Радика

Дебар, 15 јануари 2023 (МИА) – Почна пријавувањето во Бигорски манастир за учество на чинот на полагањето на крстот во водите на река Радика.

– Сите заинтересирани кои сакаат да земат учество на чинот на полагањето на крстот во водите на реката Радика, да се пријават кај нашиот надлежен архимандрит, отец Доситеј на следниот телефон: +389 70 342 970, стои во објавата на Бигорски.

Исто така во објавата се наведува дека Божјата благодат и силата на Светиот Дух со кој се осветува водата, особено се чувствува на денот на Просвештението, кога правиме спомен на Крштението Господово од раката на Св. Јован Претеча.

– Со чинот на осветувањето на богојавленската вода и полагањето на крстот во водите, се симболизира ослободувањето од гревот што Христос му го донесе на родот човечки. Во тој миг се случува осветување на сите води и секој што ќе се допре или пие од таа осветена и облагодатена вода, го чувствува Божјиот благослов, се исполнува со голема сила и му се дава духовно и телесно здравје, но само доколку со вистински страв Божји и побожност пристапува кон оваа голема тајна, стои во објавата.

Затоа, се посочува, е многу важно учесниците во чинот на полагањето на крстот во водата претходно да учествуваат и на божествената литургија со примање на светата причест.

Всушност самиот овој чин, се наведува понатаму, не треба да биде сфатен како еден обичен ритуал, ниту некаква натпреварувачка игра на којашто целта е само да се фати крстот, туку учесниците после Литургијата треба со литија да се упатат кон местото каде што ќе се осветуваат водите, и тука со најголема почит и внимание да ги слушаат прекрасните молитви на водосветот, без непристојно однесување и викање, бидејќи така си го отфрлаат благословот.

– Оној, пак, кој ќе се удостои да го извлече крстот што се допира до водите и ги осветува, и да му го врати на свештеникот, треба претходно да го целива со вера, да им даде и на другите околу себе да го целиваат за и тие да бидат благословени. Потоа да го однесе благословот и во својот дом кај своите ближни, зашто крстот треба да им стане она што ќе ги обединува сите во заемна љубов и силна вера во Христа, стои во објавата на Бигорски манастир. вт/мд/

 

Остани поврзан