• сабота, 06 декември 2025

Во Берово отворен „Етно Плоштад Фестивал“ и Саемот на традиционални производи „Малешевијата на дланка“

Во Берово отворен „Етно Плоштад Фестивал“ и Саемот на традиционални производи „Малешевијата на дланка“

Берово, 29 август 2025 (МИА) – Со свечено дефиле на културно-уметнички друштва и церемонија во центарот на градот, синоќа во Берово беше отворено новото издание на „Етно Плоштад Фестивалот“. Настанот традиционално го носи духот на македонската култура и обичаи на плоштадот „Димитар Беровски“.

Во рамки на фестивалот беше отворен и Саемот на традиционални производи „Малешевијата на дланка“, на кој свои ракотворби, земјоделски и занаетчиски производи претставуваат производители и мали бизниси од Малешевскиот регион.

 -Посетителите имаат можност да уживаат во домашни гастрономски специјалитети и автентични производи кои ја доловуваат убавината и специфичноста на Малешевијата. Фестивалската програма ќе трае неколку денови и предвидува концерти, настапи на културно-уметнички друштва и музички изведби со цел промоција и зачувување на македонската традиција и културното наследство, истакна пред присутните градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски.

Според програмата, првата фестивалска вечер ја одбележаа настапите на културно-уметнички друштва, Игор Димовски со проектот „Пауза за ракија“ и изведбата на RobbieRay Led Robot.

Берово во наредните денови ќе биде вистински центар на традицијата, музиката и автентичните вкусови на регионот. Програмата продолжува вечерва со Детскиот фестивал Малешевско Ѕвонче, како и настапите на Андријана Петрушовска и Амадеус Бенд. вс/вј/

Фото: Општина Берово

Остани поврзан