• петок, 27 декември 2024

Во Белград потпишана Програма за соработка во културата меѓу Северна Македонија и Србија

Во Белград потпишана Програма за соработка во културата меѓу Северна Македонија и Србија
Скопје, 2 септември 2022 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и српската министерка и вицепремиерка на Владата на Србија Маја Гојковиќ во Белград, на маргините на Самитот „Отворен Балкан“, ја потпишаа Програмата за соработка меѓу Министерството за култура на Северна Македонија и Министерството за култура и информирање на Србија за периодот од 2022 до 2025 година. -Програмата е континуитет на одличната соработка во областа на културата што ја негуваат двете земји, на институционално и на вонинституционално ниво. Програмата се усовршува и се збогатува со секоја нова верзија уште од Спогодбата од 1997 година што ја потпишале двете земји во областа на образованието, културата и спортот“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска. Двете министерки се согласни дека на овој начин се постигнуваат силни резултати во развивањето и продлабочувањето на меѓусебното разбирање, добрососедството, пријателските односи и довербата во културата, соопшти македонското Министерство за култура. Според министерката, програмата обезбедува подобри услови за натамошно зацврстување на културната соработка во сите сфери на уметноста и ја олеснува работата на заеднички проекти меѓу националните институции и меѓу други организации во областа на културата и уметноста, меѓу уметниците и експертите од двете земји. -Она што е најактуелно за двете култури е што е донесена Одлука за отворање Културно-информативен центар на Северна Македонија во Белград, со најава дека и Србија ќе отвори КИЦ во нашата земја. Тој простор и таа институција, убедена сум, ќе биде ново средиште за стари и за нови пријателства на уметници од сите генерации и области на двете земји. Културно-информативните центри негуваат незаменлива практика за зближување и размена, која се предвидува и со Програмата, во издавачката, визуелната и ликовната дејност, во музичко-сценската област, во филмот, вели Костадиновска-Стојчевска. Особен акцент во овој документ се става и на соработката во архивската, библиотечната и музејската дејност, како и во заштитата на нематеријално културно наследство, преку обезбедување поддршка за традиционалните културни активности, фестивали и саеми поврзани со традиционалната музика, занаетчиството и други елементи на нематеријалното културно наследство на двете земји. Костадиновска-Стојчевска ја истакна важноста на соработката во заштитата на културното наследство, во спречувањето на противзаконскиот увоз, извоз и пренос на правото на сопственост над културните добра, во согласност со нормите на меѓународното правo. -Ние продолжуваме заедно да ги надоградуваме заедничките политики на меѓународен план во регионалните, европските и меѓународните организации, како: УНЕСКО, ЕУ, Советот на Европа, Советот на министри на Југоисточна Европа, каде што заедно ги зацврстуваме своите позиции, разменуваме искуства и експерти со цел поефикасна интеграција во европските процеси, осовременување и побрзо воведување на новите техники и дигитализацијата, вели Костадиновска-Стојчевска. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска беше дел од владината делегација на Самитот „Отворен Балкан“ во Белград. ев/лв/

Остани поврзан