• четврток, 26 декември 2024

Во Алабама изведено второто погубување со користење азот

Во Алабама изведено второто погубување со користење азот

Вашингтон, 27 септември 2024 (МИА) - Во Соединетите Американски Држави е извршено второ погубување со употреба на азот, метод што американските и европските ветеринари го сметаа за неприфатлив за еутанизација на повеќето животни.

Методот е применет кај Алан Милер (59), обвинет за убиство на три лица. Тој беше прогласен за мртов во четвртокот во 18:38 часот по локално време во затвор во јужна Алабама.

Смртоносниот метод вклучува поставување маска за респиратор на лицето и пуштање чист азот, при што недостигот на кислород предизвикува смрт од задушување.

Според изјавите на сведоците, последните зборови на Милер биле: „Не направив ништо за да бидам овде“ и „Не направив ништо за да бидам осуден на смрт“.

Милер беше погубен поради убиство на тројца соработници во 1999 година - Ли Холдбрукс, Кристофер Скот Јенси и Тери Џарвис.

„Вечерва конечно беше задоволена правдата за овие три жртви, неговите постапки не беа резултат на лудило, туку на чисто зло. Неговите грозоморни злосторства засекогаш променија три семејства и се молам тие да најдат утеха после сите овие години“, рече гувернерката на Алабама, Кеј Ајви.

Првата егзекуција со азот беше извршена во јануари, исто така во Алабама. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан