Војната во Украина е „катастрофална“ за глобалното снабдување со храна
- Војната во Украина ќе предизвика шок на глобалното снабдување и цените на храната, смета шефот на една од најголемите светски компании за ѓубрива.

Лондон, 7 март 2022
Би-Би-Си
Војната во Украина ќе предизвика шок на глобалното снабдување и цените на храната, смета шефот на една од најголемите светски компании за ѓубрива.
„Јара интернешенал“, која работи во повеќе од 60 земји, значителен дел од клучните суровини ги набавува од Русија. Цените на ѓубривата веќе беа високи, поради зголемените цени на гасот.
Шефот на Јара, Свеин Торе Холсетер, предупредува дека ситуацијата може да стане дури и потешка.
„Работите се менуваат од час во час“, вели Холсетер за Би-Би-Си.
„И пред војната веќе бевме во тешка ситуација ... и сега има дополнително нарушување на синџирот на набавка и веќе се приближуваме до најважниот дел од сезоната за северната хемисфера, каде се користи многу ѓубриво и тоа многу веројатно ќе биде засегнато.“
Русија и Украина се едни од најголемите производители на храна и земјоделски производи на глобално ниво.
Русија, исто така, произведува голем број на хранливи материи, како што се поташ и фосфат - клучни состојки на ѓубривото, неопходно за раст на посевите и растенијата.
„Половина од светската популација добива храна благодарение на ѓубривата... и ако тоа се тргне од нивите за некои култури може да значи пад на приносот и до 50 проценти“, изјави Холсетер.
„За мене, прашањето не е дали се движиме кон глобална криза за храна, туку колку голема ќе биде кризата“.
Неговата компанија веќе е погодена од конфликтот, откако проектил ги погоди канцелариите на Јара во Киев. Во нападот 11-те вработени не беа повредени.
Компанијата со седиште во Норвешка, не е директно погодена од санкциите кон Русија, но треба да се спраува во падот. Обезбедувањето на испораката е сè потешко, поради нарушувањето на поморската индустрија.
Само неколку часа откако Холсетер зборуваше во Би-Би-Си, руската Влада ги повика производителите да го запрат извозот на ѓубрива.
Тој посочува дека околу четвртина од клучните хранливи материи кои се користат во производството на храна во Европа се од Русија.
„Истовремено, ние правиме сè што можеме во овој момент да најдеме дополнителни извори. Но, со вака кратка временска рамка, тоа е ограничено“, вели Холсетер.
Аналитичарите, исто така, предупредуваат дека ова ќе значи и повисоки трошоци за фармерите и помали приходи од посевите. Тоа може да придонесе за уште повисоки цени на храната.
Хранливите материи не се единствениот фактор што треба да се земе предвид.
Потребни се големи количества на природен гас за да се произведе амонијак, клучна состојка на азотното ѓубриво. „Јара интернешенал“ зависи од големи количини на руски гас за своите погони во Европа.
Минатата година, беше принудена привремено да го запре производството за околу 40 проценти во Европа, поради високите цени на гасот. Другите производители, исто така, ја запреа испораката.
Во комбинација со високите цени за бродски транспорт, санкциите на Белорусија, уште еден од поголемите производители на поташ) и екстремно ладното време, се ова предизвика голем раст на цените на ѓубривото минатата година, што пак резултираше со пораст на цените на граната.
Од компанијата информираат дека прават евалуации на дневна основа за тоа како да продолжат со испораката, како и дека е многу рано да се каже за можни нови затворање на погоните.
Признаваат дека имаат „многу висока обврска“ да го одржат производство на, како што објаснуваат, критична точка.
Шефот на Јара, смета дека светот мора на долг рок, да ја намали зависноста од Русија за глобалното производство на храна.
„Од друга страна“ правиме напори да продолжиме со испорака на ѓубриво до земјоделците, за да продолжи одржувањето на посевите.
„Во исто време ... треба да име и силна реакција. Ја осудуваме руската воена инвазвија на Укрина, па ова претставува дилема, која искрено е доста тешка“.
Климатските промени и зголемувањето на популацијата веќе го зголемуваат притисокот на глобалниот систем за производство на храна, уште и пред да почне пандемијата.
Шефот на „Јара интернешенал“ војната ја опишува како „катастрофа врз катастрофа“, нагласувајќи колку сега е ранлив на потреси глобалниот синџир на храна.
Ќе ја зголеми несигурноста со храна во посиромашните земји, додава тој.
„Треба да имаме на ум дека во изминатите две години, има пораст од над 100 милиони луѓе кои си легнуваат гладни ... така што, и ова врз сето тоа, е навистина загрижувачки“.