• сабота, 23 ноември 2024

Војната во Газа ги зголеми антисемитските појави низ Европа

Војната во Газа ги зголеми антисемитските појави низ Европа

Брисел, 11 јули 2024 (МИА) - Војната во Газа придонесе за нагло зголемување на антисемитските дејствија во Европа, објавиja странските агенции, повикувајќи се на извештај на Агенцијата за фундаментални права на Европската унија.

Истражувањето е спроведено помеѓу јануари и јуни 2023 година и покажува дека нивото на антисемитизам во Европа било високо и пред почетокот на војната во октомври, а информациите собрани од 12 организации на еврејската заедница покажуваат нагло зголемување, се вели во извештајот.

„Од октомври 2023 година, Евреите се жртва на посилен антисемитизам, при што некои организации пријавија зголемување за повеќе од 400 отсто“, се додава во текстот.

Тројца од четворица анкетирани Евреи рекле дека чувствуваат дека луѓето ги сметаат за одговорни за дејствијата на владата во Израел.

„Антисемитското вознемирување и насилство најмногу се гледаат на улиците, во парковите и продавниците“, пишува Агенцијата за фундаментални права на Европската унија.

Според истражувањето, повеќе од три четвртини од испитаниците понекогаш кријат дека се Евреи, а повеќе од една третина избегнуваат да присуствуваат на еврејски настани или места поради безбедносни причини.

Истражувањето е спроведено во 13 земји-членки, кои сочинуваат 96 отсто од еврејската популација, според бројките на ЕУ, според кои бројот на Евреи во Унијата е нешто повеќе од еден милион.

Околу 1.200 луѓе беа убиени, а повеќе од 250 беа земени како заложници во нападот на Израел на 7 октомври од страна на членови на радикални организации, според израелските податоци. Повеќе од 38.000 луѓе се убиени во офанзивата на земјата во Газа, соопштија здравствените власти во Газа. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 



Остани поврзан