• среда, 27 ноември 2024

Воспитувачките и негувателките од струшката градинка кои работеа со договор денеска не отидоа на работните места

Воспитувачките и негувателките од струшката градинка кои работеа со договор денеска не отидоа на работните места

Струга, 1 февруари 2024 (МИА) - Дваесеттина воспитувачки и негувателки од двата објекти на детската градинка „8 Март“ во Струга, ангажирани со договори на дело денеска не отишле на работните места поради неисполнување на нивните барања за решавање на статусот со редовно вработување или минимална плата со платени придонеси.

Директорката на Детската градинка во Струга, Сања Србовска денеска имаше средба со градоначалникот на Општина Струга Рaмис Мерко, но детали од средбата не откриваат. Во изјава за МИА, Србовска, која на функцијата директор е од неодамна, посочи дека работат на изнаоѓање решение во интерес на децата.

- Разговаравме со Министертсвото за труд и социјална политика и со Општина Струга, односно институциите кои се позади нас и бараме решение. Нова сум, најважно е децата да бидат згрижени, тоа е наша обврска како институција, одговори кусо Србовска.

Во двата објекта во стушката градинка денеска деца се згрижуваат редовно, но родителите се загрижени и очекуваат продлабочување на проблемот од понеделник кога се очекува да се зголеми бројот на дечиња.

Негувателките и воспитувачките во градинките во Струга пред една недела најавија дека повеќе нема да работат за 10 000 денари месечен хонорар, без здравствено и пензиско осигурување. Тогашната директорка на градинаката Јулијана Ложанкоска во неможност да го реши проблемот, си поднела оставка. сс/мч/

Фото МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан