• среда, 01 април 2026

„Волстрит џурнал“: ОАЕ се подготвуваат воено да им помогнат на САД во деблокирањето на Ормуската Теснина

„Волстрит џурнал“: ОАЕ се подготвуваат воено да им помогнат на САД во деблокирањето на Ормуската Теснина

Вашингтон, 1 април 2026 (МИА) - Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се подготвуваат да им помогнат на САД со употреба на сила да го ослободат преминот низ Ормуската Теснина - пишува денеска американскиот весник „Волстрит џурнал“.

Повикувајќи се на повеќе неименувани арапски официјални лица, весникот наведува дека Емиратите разгледуваат начини за воен придонес во операцијата. Една од опциите е учество во отстранување мини и обезбедување логистичка поддршка. Според „Волстрит џурнал“, Емиратите сметаат дека американските сили треба да ги заземат стратешки важните острови во Теснината, вклучувајќи го и островот Абу Муса.

Низ Ормуската Теснина поминува речиси 20 отсто од светската нафта и гас, а иранската блокада предизвика драстично поскапување на нафтата, чија цена во еден момент надмина 100 долари за барел. ОАЕ веќе лобираат за резолуција во Советот за безбедност на ОН, спонзорирана од Бахреин, која би овластила воена акција за отворање на преминот.

Емиратите упатија повик до САД и земјите од Европа и Азија за формирање коалиција. Еден од арапските извори за весникот оцени дека иранскиот режим во борба за опстанок е подготвен да ја уништи глобалната економија преку блокадата. Дури и ако резолуцијата во ОН не биде усвоена, официјални претставници од Персискиот Залив веруваат дека ОАЕ сепак ќе се вклучат во војната.

Претходно, на 24 март, истиот весник објави дека ОАЕ и Саудиска Арабија се блиску до одлука за влез во војна против Иран поради постојаните напади и ризикот Техеран да воспостави долгорочно влијание врз стратешките водни патишта. Ова следува по состанокот во Ријад, каде што 12 арапски и исламски земји го осудија Иран, а за време на самитот над саудиската престолнина беа соборени осум ирански балистички ракети. Саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фаисал бин Фархан ал-Сауд, нападот го нарече „очигледен обид за уцена“. ссм/сд/

фото: архива

Остани поврзан