• петок, 30 август 2024

Волстрит џурнал: Уништен еден од шестте ловци Ф-16 што ги поседува Украина

Волстрит џурнал: Уништен еден од шестте ловци Ф-16 што ги поседува Украина

Киев, 29 август 2024 (МИА) - Украинската армија во понеделникот загуби еден од американските борбени авиони Ф-16, кои им беа доставени од сојузниците во последните недели, пишува денеска американскиот весник Волстрит џурнал(The Wall Street Journal), повикувајќи се на неименуван владин извор.

Несреќата се случила за време на масовниот руски напад во понеделникот. Според првичните извештаи, авионот не бил соборен од Русија, туку несреќата најверојатно ја предизвикал пилотот, рече функционер, пренесува весникот. Украинските воздухопловни сили сè уште не ја потврдиле несреќата, ниту состојбата на пилотот.

Според украински извори, загинал пилотот Олексиј „Мунфиш“ Мес. Тој  бил меѓу избраната група од само шест украински пилоти кои ја завршиле интензивната обука за управување со авионите Ф-16.

Првите Ф-16 авиони пристигнале во Украина во јули, според Волстрит џурнал.  Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека армијата за првпат ги распореди овие авиони оваа недела за да собори руски ракети. 

Западните сојузници досега ѝ ветија на Украина околу 80 од овие борбени авиони.

Киев се надева дека модерните западни авиони ќе им дадат предност на нивните сили на бојното поле, особено во соборување на руските ракети и заштита на трупите на првата линија. ссм/

фото: архива

Остани поврзан