• вторник, 24 декември 2024

Волстрит журнал: Саботерите ја користеле Полска како база за нападот на гасоводот во Балтичко Море

Волстрит журнал: Саботерите ја користеле Полска како база за нападот на гасоводот во Балтичко Море

Берлин, 10 јуни 2023 (МИА) - Германските иследници истражуваат доказен материјал што сугерира дека диверзантите на „Северен тек“ ја користеле Полска како база за напад на гасоводи во Балтичкото Море.

Германските истражители целосно го реконструирале двонеделното патување на јахтата „Андромеда“, долга 15 метри, за која постои сомнеж дека била користена во саботажата на гасоводот со кој Европа се снабдува со руски гас, пишува американскиот весник Волстрит журнал.

Истражителите се обидуваат да откријат зошто јахтата користена за минирање на гасоводот влегла во полските води, се наведува во извештајот. Истрагата покажала и дека Полска би можела да биде центар и за логистика и за финансирање на диверзантскиот напад, додава весникот.

Истражителите утврдиле дека јахтата го променила планираниот курс и запловила во полските води, пишува Волстрит журнал, повикувајќи се на податоци од радио и навигациската опрема на бродот, сателити и мобилни телефони, од мејлови и собрани примероци од ДНК пронајдени на јахтата, кои Германија се обидела да ги поврзе со најмалку еден украински војник, пренесуваат британските медиуми.

Германската полиција и кабинетот на полскиот премиер се уште не одговориле на барањето за коментар на наводите на весникот Волстрит журнал.

„Вашингтон пост“ оваа недела објави дека САД знаеле за планот на Украина да го нападне гасоводот „Северен тек“ три месеци пред гасоводот да биде оштетен од подводни експлозии.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во средата изјави за германските медиуми дека Украинците не го саботирале гасоводот.

Експлозиите се случија во економските зони на Шведска и Данска, кои потврдија дека се намерно предизвикани, но не можеа да утврдат кој е одговорен за нив.

Русија инсистира дека е неопходно да се спроведе објективна меѓународна истрага за експлозиите на гасоводот, со нејзино учество, а тврди дека нападите на „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ во септември се терористички напади.

На почетокот на февруари, познатиот американски истражувачки новинар Сејмур Херш предизвика сензација со своите тврдења дека нуркачи на американската морнарица поставиле експлозивни направи на гасоводи веќе во јуни.

Како што објави WSJ, германските истражители заклучиле дека експлозивот користен во нападот HMX бил познат како октоген, безбојна супстанца погодна за уништување на подводната инфраструктура. сд/

Остани поврзан