• сабота, 23 ноември 2024

Воздухопловната база на НАТО во Кучово ќе биде отворена на 4 март

Воздухопловната база на НАТО во Кучово ќе биде отворена на 4 март

Тирана, 25 февруари 2024 (МИА) - Воздухопловната база на НАТО во албанскиот град Кучово, која се наоѓа во јужниот дел на земјата, што е прва ваква база во Западен  Балкан, ќе биде инаугурирана на 4. идниот месец.

Подготовките на базата на НАТО во Кучово се при крај и за првпат Министерството за одбрана објави видео и фотографии од неа.  

Во видеозаписот, Командантот на албанските воздухопловни сили, бригадниот генерал Фердинанд Димо вели дека се е подготвено базата да профункционира.

- Ние сме на крајот од сите работи за трупите на воздухопловните сили да се обучуваат во оваа база. Но, не само тоа, трупите на НАТО и НАТО авионите можат да се сместат, обучуваат и летаат од воздухопловната база Кучово,  која веќе е тактичка воздухопловна база на НАТО, вели тој.

Димо ги наведува и досегашните чекори, од моментот кога беше одлучено во Кучово да се изгради воздухопловна база за НАТО.

- Во 2021 година беше планирано да се спроведат инвестициите за ревитализација на инсталациите на базата Кучово. Сега сме на крајот со реализацијата на три значајни проекти, како што се оградувањето и безбедносниот систем, како и периметарската заштита на базата. Приближно 50 милиони евра се инвестирани од НАТО, а повеќе од 5 милиони евра од албанската влада“, објаснува командантот на воздухопловните сили.

Според него, изградбата на воздухопловната база на НАТО во Кучово ќе придонесе  и за економски развој на целиот округ Берат.

На свеченоста на 4 март ќе присуствуваат високи претставници на албанската држава, НАТО и САД. 

Инаку, базата е изградена за потребите на албанските воздухопловни сили за време на комунистичкиот режим кој владееше во Албанија помеѓу 1944 и 1991 година и го штитеше воздушниот простор на земјата. Исто така, била домаќин на различни видови руски и кинески авиони.

Последните летови од оваа база биле извршени во 2005 година. вт/паг/
 
Фото: МО Албанија

Остани поврзан